• сабота, 23 ноември 2024

КАРИКОМ: Привремениот премиер на Хаити се согласи да поднесе оставка, ќе го замени седумчлен претседателски совет

КАРИКОМ: Привремениот премиер на Хаити се согласи да поднесе оставка, ќе го замени седумчлен претседателски совет

Хавана, 12 март 2024 (МИА) - Привремениот премиер на Хаити, Ариел Анри, се согласи да поднесе оставка, наведува карипската заедница на држави CARICOM, пренесе ДПА.

-Ќе се формира седумчлен претседателски совет што ќе ја изведе транзицијата до изборите на Хаити, што ќе назначи нов привремен премиер, изјави доцна синоќа претседателот на Гвајана, Мохамед Ирфан Али, по состанокот на шефовите на влади на карипските земји во Јамајка.

Моќните криминални банди кои контролираат големи делови од Хаити ја побараа оставката од Анри.

Анри моментално е заглавен во Порторико, откако вооружените банди го спречија да се врати дома, пренесе Би-Би-Си.

Во видео обраќањето во кое ја најавува својата оставка, Анри ги повика Хаиќаните да останат смирени.

-Владата што ја предводам ќе поднесе оставка веднаш по формирањето на преодниот совет, рече Анри.

„Сакам да му се заблагодарам на народот на Хаити за можноста што ми беше дадена. Ги замолувам сите Хаиќани да останат смирени и да направат се што можат за мирот и стабилноста да се вратат што е можно побрзо“, додаде Анри, пренесе Би-Би-Си.

Анри ја презеде функцијата привремен премиер на Хаити на 20 јули 2021 година, околу две недели по атентатот врз претседателот Џовенел Мојсе, иако на два дена пред неговата смрт, Мојсе го назначи Анри за седми премиер во неговиот мандат. 

Под покровителство на 74-годишниот неврохирург, изборите потоа неколкупати беа одложувани поради безбедносната ситуација и допрва треба да се презакажуваат.

Сиромашната карипска држава, која е густо населена со околу 11 милиони жители, во моментов нема избрани национални функционери - ниту претседател, ниту парламент.

Според Обединетите нации, криминалните банди контролираа околу 80 отсто од територијата на Порт-о-Пренс и пред да започне сегашниот бран на насилство. Ситуацијата драматично ескалира од крајот на февруари и во моментов е на сила вонредна состојба на национално ниво.

Двете најмоќни банди ги здружија силите и побараа оставка на Анри, а лидерот на една од бандите и лидер на отпорот Џими Шеризие, алијас „Скара“, се закани дека во спротивно ќе поведе граѓанска војна, потсетува ДПА 

Разбојниците парализираа големи делови од Хаити, нападнаа полициски станици и аеродроми, а летовите до и од Хаити се откажани повеќе од една недела. Повеќе од 4.500 затвореници исто така се насилно ослободени од затворите.

Дипломатите од ЕУ и САД оттогаш ја напуштија земјата. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан