Карактерот на средбите во САД беше на највисоко ниво досега, вели премиерот
- -Делегацијата беше најскромна што е можно и ако ги споредите со делегации во минатото, навистина е најскромна што е можно. Квалитетот на средбите е највисок споредено со било кога. Зборам ако се земе во предвид карактерот на посетата содржината, но и луѓето со коишто имав средби и тоа се покажува и докажува не само за време на посетата, туку и периодот потоа, истакна Мицкоски.
Скопје, 28 јануари 2025 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски во неговото гостување во емисијата „360 степени” на МРТ1, говорејќи околу посетата на САД по повод инаугурацијата на новиот американски претседател Доналд Трамп истакна дека карактерот на средбите остварени за време на оваа посета беше на највисоко ниво досега.
-Делегацијата беше најскромна што е можно и ако ги споредите со делегации во минатото, навистина е најскромна што е можно. Квалитетот на средбите е највисок споредено со било кога. Зборам ако се земе во предвид карактерот на посетата содржината, но и луѓето со коишто имав средби и тоа се покажува и докажува не само за време на посетата, туку и периодот потоа, истакна Мицкоски.
Тој посочи дека на реализираните средби во Вашингтон се зборуваше за продлабочување на билатералната соработка со САД, инвестирање во нашата земја, како и амбицијата да бидеме дел од европското семејство.
-Во Вашингтон ние зборувавме за значајноста на Македонија како држава во регионот, зборувавме за нашите амбиции како Влада, за нашите проекти, зборуваме за продлабочување на билатералната соработка САД, можноста за инвестирање кај нас, се разбира евроинтегративниот пат и нашата амбиција да бидеме дел од европското семејство, предизвиците со коишто сме се соочувале и со коишто се соочуваме. Така што мислам дека немаме втора шанса за прв впечаток, а најдобро е да имате прв впечаток кога една администрација го започнува својот мандат, потенцира Мицкоски.
За тоа дали очекува од тимот околу американскиот претседател поддршка за евроинтегративниот пат на Македонија во ЕУ, премиерот Мицкоски одговори дека апсолутно очекува поддршка и во таа насока се сите овие средби.
На прашањето зошто тогаш како единствен премиер од регионот не бил во Ротондата во Капитол Хил, каде што Трамп ја даде заклетвата, премиерот рече дека тоа било одлука на организаторот.
-Во право сте дека во минатото најчесто на инаугурацијата на претседателот на САД се канат дипломатските претставници на земјите во САД на ниво на први секретари, заменик-амбасадори и амбасадори. Немало пракса досега да бидат канети високи државни претставници, премиери или претседатели. Факт е дека инаугурацијата ја организира комитет составен од конгресмени, а со комитетот претседава конгресмен што ги упатува, односно кани високите гости. Во овој случај беше предвидена ВИП-зона пред местото каде што на секој почеток на мандат на американски претседател се дава заклетва и се следи целата таа церемонија. Според моите информации, таму требаше да има околу две илјади гости од САД. Меѓу нив, конгресмени, сенатори, соработници од администрацијата на претседателот Трамп, но и негови гости, лични, така беа квалификувани, меѓу кои требаше да бидеме и ние. Во хотелот во кој јас бев сместен, беше сместен и претседателот на една јужноамериканска држава, и тоа не е оној хотел кој поединци го кажаа во јавноста, многу поскромен хотел е, и далеку од таа цена дека сме плаќале ноќевања. Практично, ние слетуваме во саботата и во саботата се менува целокупниот план поради временските прилики. Бидејќи беше најавена во понеделникот температура од минус 13 степени, а вистинското чувство беше минус 20, се подели настанот, како што вие велите во Конгресот, Ротондата, и втор дел во салата на Вашингтон Визардс, каде имаше два дела – едниот каде што беа поддржувачите на Републиканската партија и претседателот Трамп и вториот дел беше оној, условно по нашки кажано, ложа. Таму е тој апартмански дел каде ВИП-гостите, односно гостите што требаше да бидат во оние две илјади луѓе што добија покана, бидејќи не сите две илјади добија покана, присуствуваа за време на инаугурацијата, рече тој.
Мицкоски посочи дека во Ротондата, каде што се случи заклетвата, биле 530 луѓе, сенатори и конгресмени, луѓе што се најблиски соработници на претседателот Трамп, неговото семејство и влијателни личности во САД.
Тој додаде дека за него е чест што процесот го следел со претседателот на Републиканската партија, кој го поканил на состанок при следната негова посета на САД. нд/вј/
Фото: МИА архива