• понеделник, 23 декември 2024

Канани: Иран нема да се двоуми да возврати на американски напад

Канани: Иран нема да се двоуми да возврати на американски напад

Техеран, 5 февруари 2024 (МИА) - Исламска Република нема да се двоуми, доколку е неопходно, да возврати на американскиот напад на нејзина територија, изјави денеска портпаролот на иранската дипломатија, Насер Канани, откако Белата куќа соопшти дека не ја исклучува можноста за директен напад врз Иран.

САД во петокот почнаа серија напади врз елитните ирански сили и проиранските вооружени групи во Сирија и Ирак, како одговор на убиството на тројца американски војници во Јордан на 28 јануари.

Советникот за национална безбедност на Белата куќа Џејк Саливан пред два дена изјави дека САД ќе продолжат да возвраќаат и не исклучува директен напад врз цели во Иран.

- Исламската Република нема да се двоуми доколку биде неопходно да возврати, изјави денеска Канани, на неделната прес-конференција.

САД и Обединетото Кралство во саботата објавија дека бомбардирале десетици цели во Јемен како одговор на повторените напади на Хутите поддржани од Иран.

Канани ги осуди нападите во Ирак, Јемен и Сирија и ги нарече нелегални. Тој додаде дека нападите биле извршени како дел од „политиката на целосна поддршка“ за Израел. 

Хутите, пак, постојано тврдат дека нивните дејствија се „солидарност“ со Палестинците во Газа.

Американските сили вчера објавија дека пресретнале пет ракети во Јемен, што биле подготвени за лансирање врз бродови во Црвеното Море.

Канани денеска додаде дека Техеран „не сака да ги влоши тензиите и кризите во регионот“ и дека „никогаш не поддржувал тензии и кризи“. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан