Канада вели дека упадот на руски дронови во воздушниот простор на Полска е „неодговорен и ескалирачки“
- Канадскиот премиер Марк Карни го нарече упадот на руски дронови во воздушниот простор на Полска „неодговорен и ескалирачки“ чин, додавајќи дека Отава тесно се координира со своите сојузници од НАТО.
Отава, 10 септември 2025 (МИА) - Канадскиот премиер Марк Карни го нарече упадот на руски дронови во воздушниот простор на Полска „неодговорен и ескалирачки“ чин, додавајќи дека Отава тесно се координира со своите сојузници од НАТО.
Карни рече дека инцидентот ја истакнува потребата од зголемување на притисокот врз рускиот претседател Владимир Путин да ја прекине војната во Украина.
-Остануваме будни во врска со руските обиди за проширување и продолжување на конфликтот во Украина. Путин уште еднаш покажа дека нема почит кон патот кон мирот, додаде канадскиот премиер.
Канада е еден од најгласните меѓународни сојузници на Киев и обезбеди милијарди долари за финансиска и воена поддршка на Украина.
Канадската министерка за надворешни работи Анита Ананд претходно рече дека нарушувањето на полскиот воздушен простор е „уште еден ужасен пример за одбивањето на Путин да се стреми кон мир“.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека не планирало напади врз цели во Полска, а рускиот вршител на должноста во Варшава рече дека беспилотните летала дошле од Украина и ја обвини полската влада за „антируски расположенија“. мс/
фото: ЕПА