• петок, 27 декември 2024

Кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“

Кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“

Скопје, 26 ноември 2023

Дигаме глас за секоја жена и секое девојче да се чувствува охрабрено и заштитено

Како да ја префрлиме дискусијата од работи за кои не зборуваме кон работи за кои задолжително треба да зборуваме беше во фокусот на денешниот настан во Скопје за покренување на заедничката кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“. Делегацијата на Европската Унија во Скопје, Мисијата на ОБСЕ во Скопје и семејството на Обединетите нации уште еднаш ги здружија силите за да ја подигнат свеста за долгорочното нарушување на општеството предизвикано од родово базирано насилство.

По отворањето на централниот настан во Скопје со театарската претстава „Работи за кои не зборуваме“, во наредните 16 дена ширум земјата ќе се организираат и други настани, меѓу кои театарски претстави, дискусии во заедници, концерти, изложби и панел дискусии.

Темата на годинешната кампања UNITE е „ОБЕДИНЕТЕ СЕ! Вложете напори за да го спречите насилството против жените и девојчињата“ затоа што секој труд вложен во спречувањето насилство против жените е чекор напред кон побезбеден, поеднаков и просперитетен свет.

„Овде сме за да ги поттикнеме жртвите и сведоците да пријават родово базирано насилство – и да им порачаме: Законот е на ваша страна“, изјави Бен Нупнау, Заменик амбасадорот на Делегацијата на Европската Унија во Скопје.

Клучниот приод во кампањата е создавањето на обединета платформа со цел да се даде можност на сите што се идентификуваат со каузата да се приклучат и да помогнат да се поттикне дискусијата за потребата да се стави крај на насилството против жените и девојчињата.

„Ние, како Мисија, работиме напорно да ги подржиме промените на законите кои ќе понудат подобра заштита на жртвите од родово – базирано насилство. Уште повеќе, вложуваме во стратешки напори да го зајакнеме целиот правoсуден систем, од првата точка на заштита, до законодавството и судовите, а се со цел да се одговори брзо и соодветно на потребите на жртвите,“ рече Селма Меховиќ, посебен советник на Шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Поставени се две крајни цели: прво, да се создаде критична маса која ќе го стимулира креирањето политики на нула–толеранција кон сите облици на насилство; втората цел е да се подигне свеста за штетата која што насилството против жените и девојчињата ја нанесува на нашите семејства, нашето општество и на нашиот севкупен развој.

„Ми претставува неизмерно задоволство да дадам признание на Северна Македонија затоа што во голема мера ги воспостави правните механизми неопходни за елиминација на насилството против жените и девојчињата. Сега е потребно уште повеќе да дигнеме глас. Уште повеќе да дејствуваме. Законите не се доволни ако се само празни зборови на хартија“, изјави Росана Дуџак, Постојана координаторка на ОН во Северна Македонија. „Имаме заедничка должност да се погрижиме законите целосно да се спроведуваат, да станат општествена норма и дел од нашето однесување.“

16 дена активизам е меѓународна кампања која се спроведува секоја година, со почеток на 25 ноември, Меѓународниот ден на елиминација на насилството против жените, а завршува на 10 декември, Денот на човековите права. Оваа кампања е најдобриот пример како луѓето и организациите можат и треба да ги здружат силите за да се справат со општествените проблеми за кои нема место ниту денес ниту во иднината.

ЕУ и ОБСЕ се традиционалните партнери на семејството на ОН во оваа кампања, но секоја година бележиме раст на бројот на заинтересирани меѓународни и домашни партнери од речиси сите сектори на општеството. За повеќе информации за кампањата, посетете ја Facebook страницата.

фото: ОН Северна Македонија

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан