• петок, 27 декември 2024

Камерниот оркестар „Профундис“ вечер на „Охридско лето“

Камерниот оркестар „Профундис“ вечер на „Охридско лето“
Oхрид, 18 јули 2022 (МИА) - Камерниот оркестар „Профундис“ од Скопје со вилоинистите Анна Кондратенко и Владимир Костов под диригентската палка на Ѓурѓица Дашиќ ќе настапи вечер во црквата „Света Софија“ во рамките на фестивалот „Охридско лето“. Камерниот оркестар „Профундис“, како што информира националната установа „Охридско лето“, е „млад“ уметнички состав, кој постои три години и чии цели се промоција на квалитетот и особеноста на изразот со посебен акцент на оригиналноста на сите концертни изведувања. Во него членуваат македонски инструменталисти што се дел од двата професионални оркестри, Националната опера и балет и Националната филхармонија. Покрај класичниот репертоар, камерниот оркестар „Профундис“ се стреми кон развојот и на други начини на презентација (дигитални концерти, употреба на нови технологии). Квалитетот на оркестарот составен од веќе докажани имиња и неговата флексибилност во сите стилски епохи, под уметничко водство на диригент Ѓурѓица Дашиќ, го дефинираат како уметнички ансамбл на 21 век, способен да одговори на сите барања на музичката продукција. Имаат забележителен настап во рамките на фестивалите: „Есенски музички свечености“, „Златна лира“ и „Денови на македонската музика“, како и соработката со реномирани солисти меѓу кои Љубиша Кировски, Марија Ѓошевска, Благој Нацоски, Славица Мицовска, Наде Талевска, Марија Јанчулевска, Стојанче Косовски, како и со концерт-мајсторите на Националната филхармонија Анна Кондратенко и Владимир Костов. Ансамблот соработува и со еден од најистакнатите српски виолинисти- Јован Богосављевиќ со кого реализираа концерти во Скопје и во Р. Србија . Гордост на „Профундис“, според информацијата“ претставува реализацијата на целовечерениот концерт во чест на Арво Перт- еден од најистакнатите современи композитори поддржан од Естонската амбасада во Република Северна Македонија. Оркестарот настапил во Италија со мини-турнеја со концерти во Соренто и во Перуџа и соработки со истакнатиот италијански пијанист Маурицио Мастрини, гитаристот Даниеле Ајело и диригентот Паоло Шибиља. сс/цр

Остани поврзан