• среда, 28 август 2024

Се урна камената квадратна пирамида на народот П'урхепечас во Мексико

Се урна камената квадратна пирамида на народот П'урхепечас во Мексико

Лос Анџелес, 27 авгyст 2024 (МИА) - Екстремните временски услови и зголеменото ниво на морето го загрозуваат и историското наследство ширум светот. Така, познатата „Камена квадратна пирамида“, висока 15 метри во мексиканската сојузна држава Мичоакан, ненадејно се урна ноќта на 29 јули, поради непрестаен дожд. Јужниот ѕид на пирамидата се претвори во урнатини.

Во областа, пред 1.100 години живееле домородни групи кои го говореле нахуатл јазикот. Подоцна тука опстојувал народот П'урхепечас, единствената држава што Ацтеките не можеле да ја освојат. Пирамидата важеше за еден од најдобро зачуваните споменици на цивилизацијата на Кралството Мичоака. Се наоѓа во Ихуацио, исклучително добро сочувано археолошко наоѓалиште, каде се наоѓаат уште една пирамида, кула и неколку гробници, пишува „Сајенс алерт“ (Science Alert).

Народот П'урхепечас постои и денес.

Од Мексиканскиот национален институт за антропологија и историја велат дека екстремните временски настани се причината за неодамнешното уривање на ѕидот на пирамидата. Имено, во јули поголемиот дел од Мексико го зафатија обилни дождови и грмотевици. Пред тоа, пак, ова подрачје беше погодено од најтешката суша во земјата последните 30 години.

„Високите температури и сушата предизвикаа пукнатини низ коишто подоцна водата навлезе во внатрешноста на предхиспанското здание“, се вели во соопштението.

И на другиот крај на светот има слични проблеми. Неодамна, археолозите открија дека пештерски цртежи во Океанија се под реална закана од уништување поради забрзаните климатски промени.

Тариакуири Алварез, од народот П'урхепечас вели дека неговите предци би го протолкувале рушењето на пирамидата како „лош знак“. Во објавата на Фејсбук се вели дека нешто слично се случило и пред доаѓањето на странските освојувачи, бидејќи „боговите биле незадоволни“. Само неколку дена пред да се урне пирамидата во Мексико, се урна и познатиот Двоен лак во Ута, најверојатно поради промена на нивото на водата и ерозија.  си/ми/

Фото: Мексикански национален институт за антропологија и историја

Остани поврзан