„Кале-Срцето на градот“ - иницијатива за средување и ревитализација на Тетовското Кале
- Почна иницијативата „Кале-Срцето на градот“ која претставува предлог за инфраструктурна ревитализација на Тетовското Кале, и негово унапредување во културен центар.
Тетово, 14 јуни 2021 (МИА) - Почна иницијативата „Кале-Срцето на градот“ која претставува предлог за инфраструктурна ревитализација на Тетовското Кале, и негово унапредување во културен центар.
Оваа иницијатива опфаќа средување и ревитализација на Тетовското Кале, уредување на зелените површини во кругот и унапредување, односно адаптација на објектите кои исполнуваат услови за нивна понатамошна употреба, а би се користеле за настани од областа на културата.
-Станува збор за двата објекти од самиот влез на Калето, од лева и десна страна, и една мала сцена на отворено на помалото возвишување од внатрешниот дел на калето. Ова е генералната замисла која ќе се надополнува низ целиот процес на реализација, а и допрва треба да подлежи на консултации со засегнатите страни, под чии надлежности и припаѓа Тетовското Кале како целина, рече иницијаторот Дино Блажески.
Тој додава дека се одлучил да ја започне оваа иницијатива бидејќи не може повеќе да го гледа запоставеното парче од Тетово, кое според него претставува срцето на градот.
-За оваа иницијатива не постојат пречки ниту пак подлежи на поделби затоа што нејзината единствена цел е да обединува, унапредува и гради подобра културна и животна средина. Јас сум убеден дека секој еден од нас кој свесно размислува и перцепира ќе ја поддржи оваа иницијатива без разлика кој од каде доаѓа, припаѓа и делува, затоа што само заедно можеме да постигнеме многу и само заедно можеме во името на културата како една од основните постулати на човековото постоење и живеење да му овозможиме на градот Тетово да промовира и зрачи културна енергија кон секој еден од нас, посочи Блажески.
Тој појаснува дека за иницијативата има поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка.ас/бт/