• понеделник, 23 декември 2024

Калајџиев: Комисијата за помилување доби над 100 предлози, меѓу нив немало од осудените за 27 април

Калајџиев: Комисијата за помилување доби над 100 предлози, меѓу нив немало од осудените за 27 април

Скопје, 25 октомври 2024 (МИА) - Комисијата за помилување добила над 100 предлози од претходниот министер за правда Кренар Лога за помилување, и од нив одбрале 10 врз основа на критериумите што ги имале, вели членот на Комисијата, професорот Гордан Кајалџиев.

Тој во гостување во поткастот „На кавга со Иван “ што ќе биде објавен вечерва на Јутјуб и на Канал 5, посочува дека меѓу предлозите немало ниту еден осуден за случувањата од 27 април, иако вели знае поголем дел од нив.

-Си имаме критериуми, тие се неформални, некои од нив дури ги имаме и на хартија. Иако законот го укина Уставен суд да не може за убиство, педофолија, обид за убиство итн, овој што е најспорниот, никој не го знаеше дека е Барон или што било. Еден од тие другите имаше многу повеќе оружје. Ние гледаме да е добар во затвор. По правило се гледа добро поведение, и во главно посебни причини се гледаат кај помилувањето секогаш, не е само добро поведение, старост. Староста јас ја форисирам, другите не, јас сметам дека луѓе преку 70 години во вакви затвори не смеат да одат во затвор. Услови во семејство како болест кај дете, а тој самохран родител, болни родители, а нема кој да ги издржува, мајки на деца што се самохрани, особено болест на деца. Тоа беше причина за помилувањето на Ефремов, изјави Калајџиев.

Министерот за правда Игор Филков одговарајќи денеска на новинарски прашања во врска со помилувањето затвореници, изјави дека институтот помилување е многу битна работа во државата и не смее да биде предмет на дневно - политички препукувања.

-Не смееме да дозволиме да биде предмет на дневнополитички игри и препукувања, а нас тоа ни се случува. Еднаш веќе осудени лица теба да ги пратиме на ресоцијализација. Не можеме повторно да ги судиме во јавноста, изјави Филков по посетата на Казнено поправниот дом од отворен вид во Струга. 

Тој појасни дека Министерството за правда не помилува, туку може да даде само препорака за намалување на казната од еден до шест месеци. Потоа, додаде, таа препорака оди кај Претседателката, односно кај Комисијата. Министерството, нагласи, има еден член и тој нема право на глас, односно не гласа.

Како министер за правда забележа дека е потребно освежување на Комисијата која носи одлуки за помилување.

По жестоките реакции во јавноста околу неколку имиња кои се најдоа на листата на помилувани по повод празникот „23 Октомври – Ден на македонската револуционерна борба“, претседателката Гордана Сиљановска – Давкова во „Вила Водно“ вчера попладне свика состанок на Комисијата за помилување. Оттаму до денес нема официјална информација. 

Претседател на Комисијата за помилување е д-р Методија Каневчев, а членови се проф. д-р Гордан Калајџиев, проф. д-р Арлинда Кадри Шахиновиќ, д-р Зора Митиќ, м-р Ана Ѓорѓиева Ивановска и Ајтен Шаќири. вг/лв/

Фото: МИА Архива

 

 

Остани поврзан