• недела, 22 декември 2024

Калајџиев: Казнената политика за сите дела од Кривичниот законик да се намали за една третина

Калајџиев: Казнената политика за сите дела од Кривичниот законик да се намали за една третина

Скопје, 6 септември 2023 (МИА) - Професорот по кривично право Гордан Калајџиев во врска со предложените измени на Кривичниот законик со кој се намалуваат казните за делата злоупотреба на службената должност и овластување, во интервју за „Слободен печат“ вели дека ефикасноста на казнената политика не ја постигнува целта и работи под притисок на јавноста.

- Не се постигнува ефект со строги и долги затворски казни, туку со редовни казни, со осигураност дека до казната ќе дојде. Треба да е извесно дека ќе бидат фатени и казнети, како што е извесно дека пајакот ќе ви го собере неправилно паркираниот автомобил. Значи, за лукративни, коруптивни дела против службената должност поважно е да има олеснет пристап до конфискација на имотот отколку висока затворска казна, вели Калајџиев.

Тој додава дека стравот од строга казна не го дава посакуваниот ефект, затоа што ако се казнува еден од 100 функционери, другите пак ќе ризикуваат во вакви околности.

 - Голема е можноста да профитираат, а мала да ги казнат. Многу е подобро да имаме почесто казнување и олеснет пристап до проширена конфискација на имот – вели професорот Калајџиев и појаснува дека сега тешко се докажува дека конкретен имот е стекнат од кривично дело, а со измените се олеснува товарот на докажувањето.

Со затворски казни како од 19. век, како што вели Калајџиев, само се зголемуваат проблемите, затоа што нашите затвори се со катастрофално лоши услови.

- Јас сум за целосна промена, казнената политика за сите дела од Кривичниот законик да се намали за една третина. Сега во пракса во анонимни случаи судовите многу ја користат условната казна што не е лошо, ама во јавно експонирани случаи судат под притисок на јавноста, вели професорот Калајџиев во интервју за „Слободен печат“. ра/ац/

Фото: Слободен печат

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан