Калас: Русија шири дезинформации за да ја дестабилизира ЕУ
- Целта е да се воведе недоверба, да се натераат луѓето повеќе да не знаат во што да веруваат, да се поттикнат локални поделби, да се влијае врз демократското одлучување, вклучително и за време на изборите. Целта е да ги промениме нашите политики, Европа да се воздржи од помагање на Украина, објасни високата претставничка.
Стразбур, 17 декември 2024 (МИА) - Руските дезинформации претставуваaт закана за нашата безбедност и нашиот одговор мора да биде заеднички изјави високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас, обраќајќи се во Европскиот парламент во Стразбур.
- Неодамна видовме во Романија, Молдавија и Грузија дека дезинформациите имаат за цел да ја дестабилизираат ЕУ. Русија, исто така, води војна со дезинформации, со голем дел од нејзините воени напори. Станува збор за координирани и државно финансирани кампањи за манипулација не само во медиумите, туку и во учебниците на руските деца. Ова ќе има влијание во наредните години, слични акции видовме и во СССР, истакна Калас.
- Мора да се спротивставиме на оваа хибридна војна. Бојното поле во оваа војна тече низ нашите демократии - универзитети, парламенти, медиуми. Целта е да се воведе недоверба, да се натераат луѓето повеќе да не знаат во што да веруваат, да се поттикнат локални поделби, да се влијае врз демократското одлучување, вклучително и за време на изборите. Целта е да ги промениме нашите политики, Европа да се воздржи од помагање на Украина, објасни високата претставничка.
- Преку социјалните мрежи дезинформациите и искривените информации допираат до широките маси и влегуваат во нашите џебови - преку телефони и апликации. Најдобар начин за борба против овие појави е да се разобличат, да се поддржат слободните и независни медиуми. Традиционалните медиуми и новинарите имаат суштинска улога во спречувањето на пропагандата и дезинформациите да успеат. Големите онлајн платформи, исто така, имаат улога во овој поглед, истакна Калас.
Таа ги повика платформите да ги отстранат можностите за монетизација на дезинформации. ссм/
фото: ЕПА