• среда, 25 декември 2024

Казни и опомени за непрописно паркирани возила на штипските автобуски постројки

Казни и опомени за непрописно паркирани возила на штипските автобуски постројки

Штип, 5 септември 2023 (МИА) - Седум возачи вчера морале да платат за отстранување блокатор од своето возило оти го паркирале на автобуска постројка. Екипите на ЈП „Стипион“ –Штип изрекле и неколку опомени за оние кои биле затекнати на постројките. Неколкупат од општината се упати апел возилата да не се паркираат на постројките, каде што застануваат автобусите, а патниците кои го користат јавниот градски превоз не можат безбедно да се качат или ги напуштат автобусите. По повеќедневните апели на претпријатието за непаркирање на автобуските постројки, кои возачите не ги почитуваат, претпријатието започна да ги спроведува построгите мерки, односно поставувањето блокатори. Директорот, на ЈП „Стипион“, Панче Стефановски, се надева оти ова ќе придонесе да се справат со овој проблем.

-Во текот на вчерашниот ден имаме поставено и наплатено вкупно седум блокатори. Покрај тоа, на возачите кои во моментот беа затекнати на автобуските постројки и места за застанување им изрековме опомени и им укажавме дека не треба да паркираат на тие места, иако веќе една недела информациите кружат во врска со тоа. Морам да истакнам дека уште имаме проблеми со несовесни возачи, меѓутоа се надевам дека со тек на време ќе се намалуваат овие инциденти, вели Стефановски.

 На автобуските постројки на кои возилата најчесто се паркираат, на пример онаа кај Домот на култура, вчера имаше и полициско возило, односно полициски службеници. Стефановски вели дека соработката со сообраќајната полиција е воспоставена уште од самото воочување на овој проблем и во координација ги расчистуваат автобуските постројки од паркирани возила.

-Уште со почнувањето на општинскиот линиски превоз воспоставивме комуникација и соработка со сообраќајната полиција. Тие ни ветија дека ќе имаат зачестени контроли на критичните места, на постројките на кои се прават најмногу гужви. Сега засега сме задоволни од соработката и мислам дека можеме да функционираме добро на тој начин, додава Стефановски.

Дописничката на МИА денеска на автобуската постројка кај Центарот за култура „Ацо Шопов“ фотографираше две возила на кои беа поставени блокатери, од страна на вработените на ЈП „Стипион“ поради паркирање на постројката, каде што треба да застануваат автобусите.

Проблемот со паркирани возила беше воочен уште пред воспоставувањето на општинскиот линиски превоз, оттогаш и Јавното претпријатие почна да упатува апели. Сепак, на првиот ден од функционирањето на превозот, постројките беа полни со возила. вдј/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан