Кавахара за МИА: Девет глобални компании од Јапонија ќе учествуваат на бизнис семинарот на 11 март, можност за поттикнување јапонски инвестиции во земјава
- Билатералните односи меѓу С. Македонија и Јапонија во изминатите три децении бележат континуиран развој, поттикнат од политички дијалог, развојна помош, културна размена и зајакнување на економската соработка. Иако постои значаен напредок во односите, потенцијалот за зголемување на трговијата и привлекување јапонски инвестиции сè уште се смета за недоволно искористен, особено поради ограничената комуникација меѓу деловните заедници. За можностите за бизнис-соработка и присуство на јапонските компании на македонскиот пазар, во интервју за МИА разговаравме со јапонската амбасадорка, Сецуко Кавахара, четвртиот амбасадор на Јапонија во земјава.
Скопје, 8 март 2026 (МИА)
Ана ЦВЕТКОВСКА
Билатералните односи меѓу С. Македонија и Јапонија во изминатите три децении бележат континуиран развој, поттикнат од политички дијалог, развојна помош, културна размена и зајакнување на економската соработка. Иако постои значаен напредок во односите, потенцијалот за зголемување на трговијата и привлекување јапонски инвестиции сè уште се смета за недоволно искористен, особено поради недоволната комуникација меѓу деловните заедници. За можностите за бизнис-соработка и присуство на јапонските компании на македонскиот пазар, во интервју за МИА разговаравме со јапонската амбасадорка, Сецуко Кавахара, четвртиот амбасадор на Јапонија во земјава.
Кавахара го најави одржувањето на бизнис-семинарот Јапонија – С. Македонија, на 11 март во Скопје, што, како што рече ќе биде драгоцена можност за воспоставување нова и блиска деловна соработка меѓу бизнис заедниците од двете држави. На настанот ќе учествуваат девет глобални компании од Јапонија, меѓу кои и Мицубиши и Хитачи.
Јапонската амбадорка говори и за евроинеграцијата на Македонија и на регионот, но и за новите геополитички потреси, по последните случувања на Блискиот Исток.
Таа посочи дека Јапонија ја поддржува европската интеграција на Северна Македонија како дел од пошироката стратегија за зајакнување на стабилна и силна ЕУ.
-Јапонија потпиша „Договор за слободна трговија“ со Европската Унија во 2018 година, кој во голема мера ја унапреди трговијата и инвестициите. Сепак, Јапонија не ја смета ЕУ само за трговски партнер, туку и за доверлив стратешки партнер врз основа на заедничките вредности како што се владеењето на правото и демократијата. Оттаму, двете страни одржуваат исклучително блиска соработка и координација во глобалната политика и економијата за заедничко надминување на глобалните предизвици. Причината поради која Јапонија доследно и силно ја поддржува ЕУ интеграцијата на земјите од Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија е затоа што на Јапонија ѝ е потребна силна и стабилна ЕУ во еден ваков турбулентен свет. Без сомнеж, интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ ќе претставува голема придобивка за земјава, за ЕУ, како и за Јапонија - нагласи амбасадорката.
Во контекст на најновите случувања на Блискиот Исток Кавахара истакна дека будно ги следат настаните и вложуваат дипломатски напори за спречување на ескалација во координација со други земји.
-Мирот и безбедноста на Блискиот Исток се од суштинско значење за стабилното снабдување со енергија, како и за одржувањето на глобалниот режим за неширење оружје. Неширењето на оружје е од исклучително значење за Јапонија, бидејќи Северна Кореја, нашиот сосед, развива нуклеарно оружје и балистички ракети спротивно на голем број резолуции на Советот за безбедност на ОН. Имајќи ја предвид соработката на Северна Кореја со Русија во војната во Украина, јасно е дека не можеме да ја одвоиме безбедносната состојба во Европа од онаа во Индо-Пацификот, нагласи амбасадорката.
Таа додаде дека соочени со зголемени глобални безбедносни предизвици, треба да се зајакне соработка меѓу земјите, кои ги споделуваат основните заеднички вредности, како што се владеење на правото и демократијата.
Во разговорот за МИА амбасадорката се осврнува и на развојната помош на Јапонија, преку која во земјава се реализирани бројни проекти во здравството, образованието и заштитата на животната средина. Амбасадорката ги коментира и приоритетите на јапонската поддршка во областите како одржливиот туризам, зелената транзиција и управувањето со ризици од природни катастрофи.
Во интервјуто Кавахара се осврна и на прашањата за културната дипломатија, изучувањето на јапонскиот јазик и интересот на македонската јавност за јапонската култура традиција, како и за улогата на женското лидерство и застапеноста на жените во политиката и општеството.

Амбасадорке, пред две години Јапонија и С. Македонија одбележаа 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи. Како ја оценувате динамиката на билатералната соработка во изминатите три децении и кои области, според Вас, остануваат недоволно искористени?
-Со задоволство можам да кажам дека нашите релации искусија забележителен развој на многу полиња. Во поглед на меѓународната политика, обете земји ги споделуваат основите вредности и се координираат со повремени политички консултации. Последната политичка консултација се одржа на 17 февруари помеѓу државниот секретар Кузмановска и јапонскиот колега, сметам дека тоа беше многу значајно и конструктивно. Дополнително нашата помош за развој на капацитетите преку Јапонската агенција за меѓународна соработка (JICA) дава голем придонес за реформите во оваа земја и тоа многу се цени. Понатаму, голем број на културни настани се одржаа за да се одбележи јубилејот од 30 години дипломатски односи. Оваа годишнина значително го зголеми визибилитетот на Јапонија во земјава и ги зајакна билатералните врски. Мојата најголема желба е да се унапреди и олесни трговијата и инвестициите меѓу двете земји.
Во 2018 година беше воспоставена иницијативата на Јапонија за соработка со земјите од Западен Балкан кои не се членки на ЕУ. И покрај тоа, во земјава сè уште нема јапонски инвестиции. Кои се клучните фактори што влијаат врз одлуките на јапонските компании и како ја оценувате реалната заинтересираност за македонскиот пазар?
-Генерално глобалните компании внимателно ја набљудуваат бизнис климата, условите за инвестиции и политичката стабилност. Според мене, една од причините за недостиг на големи инвестиции од Јапонија е недостигот на комуникација и размена помеѓу двете бизнис заедници. Без комуникација и редовна размена на информации, тешко е да се најдат стабилни, доверливи бизнис партнери и да се идентификуваат полињата за бизнис можности.

На одбележувањето на Националниот ден на Јапонија најавивте бизнис-семинар Јапонија – С. Македонија. Какви се целите на овој настан, кои сектори ќе бидат во фокусот и дали очекувате конкретни договори или партнерства што би можеле да резултираат со инвестиции?
-Како што објаснив, за да постигнеме пробив, убедена сум дека треба да почнеме со создавање мрежа помеѓу деловните заедници на двете земји. Всушност, многу големи компании од Јапонија направија директни инвестиции во соседните земји, како Србија и Чешка, каде и отворија свои канцеларии. Повеќето се одговорни за целиот регион вклучувајќи ја и Северна Македонија. Затоа и ги поканив да дојдат во Скопје, да ги презентираат нивните активности и бизнис интереси. Тоа ќе биде драгоцена прилика да се воспостави нова и блиска деловна мрежа. Девет глобални компании од Јапонија, како Мицубиши и Хитачи ќе учествуваат на настанот. Семинарот ќе се одржи на 11 март од 14 часот во Холидеј Ин. Ако сте заинтересирни да учествувате ве молам регистрирајте се на contact@sk.mofa.go.jp
Преку Јапонската агенција за меѓународна соработка (JICA) и Грант-програмата за мали проекти за човекова безбедност (GGP), Јапонија поддржува бројни иницијативи во здравството и животната средина. Кои ќе бидат приоритетните области на јапонската развојна помош во наредниот период и дали се разгледуваат нови сектори како дигитализација или зелена транзиција?
-Преку „Грант програмата за мали проекти и човекова безбедност“ на Амбасадата, продолжуваме да соработуваме во здравството, образованието и животната средина. Имплементиравме речиси 200 прокети низ целата земја и сега посебно внимание посветуваме на предизвиците со пожарите и управувањето со отпад. Во таа насока, неодамна се донирани противпожарно возило и возило за управување со отпад. JICA е активна во различни области и можам да истакнам три важни проекти кои започнаа минатата година или ќе започнат оваа година, односно одржлив туризам, одржливо земјоделство и итна медицинска помош. Верувам дека овие сектори се многу важни за развојот на Северна Македонија.

Македонија доби Сребрена награда на Expo 2025 Osaka Kansai во категоријата „Споделени павилјони (Тип Ц) – Подобрување на животи“. Колку ваквите глобални настани придонесуваат за јакнење на економската дипломатија и за промоција на земјата пред јапонската и светската јавност?
-Сакам да упатам искрени честитки до ЕКСПО‑тимот на Северна Македонија за нивниот голем успех во претставувањето на културата и општеството на земјата. Ова придонесе за зголемување на видливоста на Северна Македонија и во Јапонија и во светот, бидејќи речиси 30 милиони луѓе го посетија просторот на ЕКСПО од сите делови на светот. Северна Македонија исто така испрати уметници кои изведоа културни настапи, како што се традиционални ора и опера. Настапите ја воодушевија многубројната публика. Се надевам дека овие културни настани го зголемија интересот на јапонските и странските посетители за богатата култура и историја на земјата.
Јапонија има долгогодишно искуство во справување со природни непогоди и управување со ризици. Имајќи ги предвид климатските промени и зголемените предизвици во регионот, дали постои можност за поинтензивна соработка со С Македонија во областа на превенција, рано предупредување и управување со катастрофи?
-JICA со години му помага на Центарот за управување со кризи (ЦУК) во областа на намалување на ризиците од катастрофи. Преку соработка со експерти од двете земји, успеа да се воспостави систем за рано откривање и превенција од шумски пожари, кој се споделува со соседните земји како успешен модел. Како што е истакнато, климатските промени претставуваат огромен предизвик за целиот свет, а новиот проект на JICA за одржливо земјоделство е токму насочен кон ублажување на негативните последици од климатските промени во земјоделството, преку развој на интегрирана политика и соодветна административна структура.

Културната дипломатија е значаен сегмент од јапонското присуство во земјава – од филмски фестивали и работилници за оригами до изучување на јапонскиот јазик. Како ја оценувате заинтересираноста на македонската јавност за јапонската култура и кои форми на културна размена имаат најголем потенцијал за натамошно продлабочување?
-За мене беше големо и пријатно изненадување што толку многу луѓе во оваа земја покажаа голем интерес за јапонската култура. Сите културни настани организирани од нашата Амбасада наидуваат на одличен прием. Не само манга или аниме, туку и традиционалната музика, јапонската кујна, матча, па дури и боречките вештини како џудо и карате се омилени меѓу многу граѓани, и млади и стари.
Оваа година нашата Амбасада ќе претстави уникатни аспекти од јапонската култура, како што е Бунраку, традиционалниот јапонски куклен театар развиен во 17 век, кој е впишан како нематеријално културно наследство на УНЕСКО. Исто така, се планира и специјална изложба што ќе ја прикаже разноликоста, природните пејзажи и архитектурата на сите јапонски префектури.
Идентификувавме и голема побарувачка за изучување на јапонскиот јазик. Веднаш по објавувањето на новиот курс по јапонски, местата беа веднаш пополнети. Преку изучувањето на јапонскиот јазик може подобро да се разберат културата, обичаите, општеството и филозофијата. Се надевам дека оние кои го изучуваат јапонскиот јазик во Северна Македонија ќе придонесат за унапредување на контактите и размената меѓу нашите народи.
Јапонија континуирано ја поддржува европската интеграција на земјава. Каква порака испраќа Јапонија до земјава и воопшто до регионот во однос на реформските процеси?
-Јапонија потпиша „Договор за слободна трговија“ со Европската унија во 2018 година, кој во голема мера ја унапреди трговијата и инвестициите. Сепак, Јапонија не ја смета ЕУ само за трговски партнер, туку и за доверлив стратешки партнер врз основа на заедничките вредности како што се владеењето на правото и демократијата. Оттаму, двете страни одржуваат исклучително блиска соработка и координација во глобалната политика и економијата за заедничко надминување на глобалните предизвици. Причината поради која Јапонија доследно и силно ја поддржува ЕУ интеграцијата на земјите од Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија е затоа што на Јапонија ѝ е потребна силна и стабилна ЕУ во еден ваков турбулентен свет. Без сомнеж, интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ ќе претставува голема придобивка за Северна Македонија, за ЕУ, како и за Јапонија.

Во контекст на најновите случувања на Блискиот Исток на релација Иран, Израел, САД, глобалната безбедносна архитектура уште повеќе се менува. Јапонија сè поактивно се позиционира во безбедносните прашања. Како ја гледате улогата на Јапонија во однос на евроатлантската безбедност и соработката со НАТО, чија членка е и С. Македонија во новите глобални предизвици?
-Посветуваме големо внимание на скорешните случувања на Блискиот Исток и вложуваме дипломатски напори за спречување на ескалација во координација со други земји. Мирот и безбедноста на Блискиот Исток се од суштинско значење за стабилното снабдување со енергија, како и за одржувањето на глобалниот режим за неширење оружје.
Неширењето на оружје е од исклучително значење за Јапонија, бидејќи Северна Кореја, нашиот сосед, развива нуклеарно оружје и балистички ракети спротивно на голем број резолуции на Советот за безбедност на ОН. Имајќи ја предвид соработката на Северна Кореја со Русија во војната во Украина, јасно е дека не можеме да ја одвоиме безбедносната состојба во Европа од онаа во Индо-Пацификот.
Соочени со зголемени глобални безбедносни предизвици, треба да ја зајакнеме нашата соработка меѓу земјите со кои ги споделуваме основните заеднички вредности, како што се владеење на правото и демократијата. Важноста на таквата блиска соработка беше потврдена со посетата на г. Руте, генералниот секретар на НАТО, на Јапонија минатата година, како негова прва посета надвор од земјите членки на НАТО. Г-ѓа Шекеринска, заменик генерален секретар, ја посети Јапонија оваа недела и имаше средба со нашиот министер за одбрана на 5 март. Верувам дека нашето партнерство со НАТО може дополнително да се зајакне.

Јапонија доби прва жена премиер. Какво симболично и практично значење има ова за јапонското општество и дали очекувате тоа да придонесе за поголема застапеност на жените во политиката и лидерските позиции?
-Ова беше голема вест не само во Јапонија, туку и во светот. И покрај континуираните напори на нашата земја за промовирање на родова еднаквост во сите области, учеството на јапонските жени во политиката некако стагнира. Верувам дека првата жена премиер ќе придонесе за надминување на потенцијалните психолошки бариери кај жените и ќе ги охрабри да преземаат лидерски позиции. Сметам дека е исклучително важно жените активно да учествуваат во процесот на донесување одлуки, без разлика дали ќе станат политичарки или не.
Како жена дипломат со богата кариера, како го одржувате балансот меѓу професионалните обврски и приватниот живот?
-Да се биде дипломат не е само професија, туку животна мисија. Тоа е многу потешко отколку што обично се мисли. Мораме постојано да бидеме подготвени за итни ситуации и во текот на кариерата да живееме во различни земји. Во мојот случај, со години работам во европски земји, одвоена од мојот сопруг и ќерка. Благодарна сум за големата поддршка и разбирањето од моето семејство и им ја упатувам мојата благодарност. Иако не можеме да живееме заедно, постојат многу начини да се поддржуваме и да одржуваме добар контакт. Според мене, добрата комуникација е клучот за успешно развивање професионална кариера и среќен семеен живот. Со напредокот на ИТ‑технологијата, глобалната комуникација стана брза и достапна и ние тоа го користиме на најдобар можен начин. Покрај тоа, клучно е взаемното почитување на улогите и постојано негување чувство на благодарност.
Фото: Дарко Попов