• понеделник, 23 декември 2024

Кабинетот за компјутерска томографија во велешката болница работи 24 часа по систем на телемедицина

Кабинетот за компјутерска томографија во велешката болница работи 24 часа  по систем на телемедицина

Велес, 5 јануари 2024 (МИА) - По триесетдневното неработење во октомври поради немање доктори,  од 1 ноември лани веќе трет месец   Кабинетот за компјутерска томографија при велешката Општа болница континуирано работи  и пуштени се максимален број  прегледи,со покриеност од 24 часа од страна на докторите во Скопје.

Работи по единствен систем на новоорганизирана работа,телемедицина,каде прегледите на пациентите се прават во овој Кабинет при ЈЗУ Општа болница Велес, а доктор во Скопје од далечина го посматра прегледот и учествува во него, а потоа пишува наод,информира за МИА Марина Андова, портпарол на ЈЗУ Општа болница Велес

-Прегледите  во Кабинетот за компјутерска томографија на велешката Општа болница  ги изршуваат 12 врвно обучени  дипломирани радиолошки технолози, сите со завршено високо образование, како и една медицинска сестра со високо образование,кои се доедуцирани за компјутерска томографија во Словенија ,Нови Сад и Скопје.Тие самостојно  сите  прегледи ги извршуваат, од подготовка на пациентот до самиот преглед.Термини има слободни во тек на целиот актуелен месец,  а со цел  да  ги  задоволиме  потребите на граѓаните во целост, времето на чекање е  намалено на само неколку денови, појасни Андова.

Таа информира  дека во  зависност  од видот и комплицираноста на извршениот преглед, резултатите се издаваат во рок од неколку часа за итни пациенти до само неколку дена за контролни прегледи.

Андова информира дека  освен од Велес и Велешко на прегледи во овој Кабинет  доаѓаат  и пациенти од целата држава.

Андова информира дека одделот за радиодијагностика при ЈЗУ Општа болница  Велес се соочил со реорганизација на работата поради недостиг на доктори специјалисти, кои  во октомври лани заминале  во редовна пензија, а еден од нив заминал на ново работно место поради промена во местото на живеење.

Таа појасни дека  двајца доктори се на специјализација по радиологија и се очекува наскоро да  дојдат на оддел по полагање на специјалистички испит.

-Од овие  причини, менаџерскиот тим не можеше да ја спречи оваа новонастаната ситуација, бидејќи до готов специјалист не се доаѓа лесно, и зад тоа стои обемна едукација која трае околу 5 години, па моравме да најдеме решение во тој меѓупростор, рече Андова.

Додаде дека затоа  од 1 ноември,2023 година , ЈЗУ Општа болница Велес   склучила  Спогодба за соработка помеѓу  11 доктори радиолози,од ЈЗУ Универзитетска Клиника по хируршки болести „Св Наум Охридски“-Скопје, со што десет еминентни доктори радиолози, меѓу кои и  четворица  професори, доктори, супспецијалисти и примариуси, предводени од  раководителот на оддел за радиологија во Скопје, проф. д-р Антонио Глигориевски.

-Кабинетот за компјутерска томографија при ЈЗУ Општа болница Велес запре со редовни прегледи во октомври 2023 година. За само 30 дена недостигот од доктори беше надминат по брза интервенција на директорот и менаџерскиот тим на ЈЗУ Општа болница Велес, а за таа немила ситуација се извинуваме на граѓаните кои во тие денови мораа да одат на преглед по други градови, истакна Андова. ад/хс/

Фото: МИА архива

Остани поврзан