• сабота, 23 ноември 2024

И денеска чади депонијата „Краста“

И денеска чади депонијата „Краста“

Куманово, 19 јуни 2024 (МИА) - И денеска чади кумановската депонија „Краста“, откако претходно избувна пожар. Жителите на Пчиња не дозволуваат да се внесуваат камиони со смет. Во изјавата за медиумите, велат дека проблемот е децениски и бараат дислокација на депонијата која се наоѓа на неколку километри од селото. Револтирани се бидејќи никој од надлежните не оставрил средба со нив и побараа состанок со директорот на ЈП „Чистота и Зеленило“, Ненад Стојановски.

Тој пак вели дека нема добиено ниту едно официјално барање до претпријатието и изрази сомнеж дека не протестираат сите жители, туку само одредена група.

- Не можеме да го депонираме сметот што е основна дејност. Ние поднесовме две пријави до СВР Куманово за оваа групација жители за кои се сомневаме дека политички се мотивирани, изјави Стојановски.

За разлика од жителите на Пчиња кои укажуваат дека пожарот избувна на депонијата, Стојановски вели дека пожарот избувнал во блиска нива.

Во моментот се пропуштаат само камиони за дотур на земја со кои се затрупува депонијата на местото каде чади.

Од советничката група на СДСМ, денеска побараа вонредна седница на совет за информација за состојбата и преземените мерки за гаснење на пожарот на депонијата Краста, за зачувување на сигурноста на граѓаните,како  за преземените или мерките кои ќе се преземат за отстранување на штетните последици по здравјето и имотот на граѓаните. ам/сст/


Фото: МИА

Остани поврзан