• сабота, 23 ноември 2024

„Итно Копче“ - од Кисела Вода почна услугата наменета за постарите и изнемоштени лица

„Итно Копче“ - од Кисела Вода почна услугата наменета за постарите и изнемоштени лица

Скопје, 4 јуни 2024 (МИА) - Од Општина Кисела Вода денеска почна новата услуга „Итно Копче“, наменета за нашите постари и изнемоштени сограѓани. Засега оваа бесплатна услуга ја користат 100 лица во територијата на Градот Скопје. Интеннцијата на Црвениот крст е во наредните две години услугата да ја користат илјада лица. 

„Итно Копче“ е иновативен аларм-уред кој на нашите сограѓани им овозможува брз и лесен пристап до помош во секое време. Сѐ што е потребно е да го притиснат копчето на уредот, по што ќе добијат повик од операторот на контакт центарот на Итно Копче. По воспоставувањето на контакт, корисникот ќе ги сподели информациите за своите тегоби, а обученото лице ќе му даде понатамошни насоки. Доколку е потребно, ќе биде испратен тим за прва помош директно во нивниот дом.

Градоначалникот Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски на денешната прес-конференција соопшти дека оваа услуга, која е достапна 24/7, е овозможена преку соработката со Црвениот крст и претставува, како што рече, уште еден чекор напред во нашата посветеност кон грижата за најранливите категории на граѓани.

Ѓорѓиевски нагласи дека за почеток, Општина Кисела Вода обезбедува вакви нараквици за 40 корисници, со надеж дека оваа бројка ќе се зголеми во иднина. Градоначалникот информира дека во Кисела Вода досега седум лица ја користат оваа мерка, но ја плаќале самите, а од денеска сето тоа ќе биде на трошок на општината. 

-Општина Кисела Вода и досега беше лидер во обезбедување на услуги за постарите и изнемоштените лица и лицата со посебни потреби. Ние први започнавме со услугата за бесплатен превоз, овозможувајќи им на нашите повозрасни сограѓани транспорт до лекар или до некоја институција за вршење на административни услуги. Оваа услуга продолжува и годинава, но со големо задоволство ја промовираме и новата услуга со бесплатни нараквици со итно копче. Се надеваме дека и другите општини, а зошто не и Градот Скопје, ќе ја следат оваа траекторија и ќе се приклучат кон обезбедувањето на подобри услови за граѓаните. Нашата мисија е да обезбедиме безбедност, грижа и поддршка за сите наши сограѓани, а „Итно Копче“ е уште еден значаен чекор во остварувањето на таа мисија, рече Ѓорѓиевски.

Саит Саити, генерален секретар на Црвен крст соопшти дека со оваа услуга ја покриваат територијата на Градот Скопје, со тенденција наредните години да се прошири во поголемите градови на нашата држава.

-Ова се сервиси кои организацијата на Црвениот крст во нашата држава веќе три години наназад ги имплементира, сега сме дојдени во фаза кога сето тоа можеме да го нудиме. На овој начин, на сите заинтересирани градоначалници на Градот Скопје сега засега, а понатака со перспектива и можност да се прошири на ниво на држава, рече Саити. фф/аа/

Фото и видео: Општина Кисела Вода

Остани поврзан