• петок, 22 ноември 2024

Италијанскиот претседател Матарела му одговори на Маск за мигрантската политика

Италијанскиот претседател Матарела му одговори на Маск за мигрантската политика

Рим, 13 ноември 2024 (МИА) - Претседателот на Италија, Серџо Матарела, му одговори на мултимилијардерот Илон Маск, кој критикуваше одлука на италијанскиот суд.

Маск на Икс напиша: „овие судии треба да си заминат“, мислејќи на последната пресуда на италијанскиот суд, која повторно го доведе во прашање спроведувањето на италијанскиот договор за мигранти со Албанија. „Ова е неприфатливо. Дали луѓето во Италија живеат во демократија или одлуките ги донесува неизбрана автократија?“ праша Маск.

Судот во Италија пресуди дека седуммина мигранти кои беа пренесени во центар за азил во Албанија мора да бидат вратени во Италија, што е нов удар за договорот кој италијанската премиерка Џорџа Мелони го постигна со албанскиот колега Еди Рама.

Матарела не го спомна директно Маск, но јасно стави до знаење дека мисли на него. Побара почитување на суверенитетот на Италија, особено од идни јавни функционери. Вчера, Трамп објави дека Маск ќе има важна улога во неговата администрација.

„Италија е голема демократска земја и знае како да се грижи за себе, почитувајќи го својот устав. Секој, особено ако ќе преземе важна улога во влада на пријателска и сојузничка земја, мора да го почитува нејзиниот суверенитет и не може сам да си припишува улога на давање решенија“, рече Матарела.

Маск ја поддржува Мелони и неколку пати се сретнал со неа во Рим, а во септември присуствуваше на доделување награди на маргините на Генералното собрание на ОН. Најновата одлука на судот предизвика гнев кај италијанската влада, која бара стратегија за намалување на притисокот од мигрантите. ссм/

фото: архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан