• среда, 20 ноември 2024

Италијанската полиција уапси 55 осомничени за врски со сицилијанската мафија

Италијанската полиција уапси 55 осомничени за врски со сицилијанската мафија

Рим, 12 март 2024 (МИА) - Италијанската полиција уапси 55 лица осомничени за врски со сицилијанската мафија во голема операција против организираниот криминал, јави ДПА.

Осомничените се обвинети за изнуда, трговија со дрога и поседување оружје и експлозиви, соопшти италијанската полиција.

Рациите беа извршени главно во областа на сицилијанскиот град Калтанисета, но и во други делови на Италија.

Во големата операција учествуваа околу 500 службеници за спроведување на законот.

„Денешната операција е од особена важност, не само во однос на количината, туку и во однос на квалитетот“, изјави за новинарите Салваторе Де Лука од обвинителството во Калтанисета.

Коза Ностра е најпознатата и најактивна мафијашка организација на италијанскиот медитерански остров. Има и помали криминални организации како што е Стида. Фокусот на операцијата беше на градот Гела на Сицилија. Таму две големи мафијашки семејства склучија сојуз со Стида за да го организираат бизнисот со дрога.

Се тврди дека мафијашките семејства користеле незаконски стекнати добивки за да изградат неколку оранжерии за одгледување канабис. Има извештаи дека дрогата била продавана во областа или користена како средство за размена со калабриската мафија Ндрангета за да се добие кокаин.

Според Де Лука, оружјето што го поседуваат осомничените е особено загрижувачко: „Резултатот е Коза ностра која работи, тргува со дрога, има значителен арсенал оружје и е подготвена да убива и да ја демонстрира својата моќ“. ссм/

фото: архива

Остани поврзан