• среда, 27 ноември 2024

Истражување: Пристаништата на Балканот сè повеќе се користат за шверц

Истражување: Пристаништата на Балканот сè повеќе се користат за шверц

Виена, 26 јули 2022 (МИА) - Контејнерските пристаништа во Југоисточна Европа сè повеќе се користат за шверц на нелегална стока, се наведува во извештајот „Пристанишни Пукнатини: Истражување на поморските балкански рути“, објавен денеска од Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал, пренесе Бета.

Авторите наведуваат дека поради серијата големи заплени на кокаин, хероин и цигари од 2018 година, традиционалната „балканска рута“ на копнениот шверц е дополнета со поморски патишта во пристаништата на Јадранското, Егејското и Црното Море.

„Шверцерите бараат алтернативни патишта поради мерките дизајнирани да ги ограничат миграциските текови и Ковид-19, дислокацијата на големите заплени на кокаин во Белгија и Холандија и нарушувањето предизвикано од војната во Украина“, наведе коавторот на студијата Волтер Кемп.

Големите заплени на кокаин, обично скриени во кутии со банани, во пристаништата како Драч во Албанија, Плоче и Риека во Хрватска и Солун во Грција ги поттикнуваат сомнежите дека пристаништата во југоисточна Европа стануваат сè поатрактивни за шверцерите, се вели во извештајот.

Се наведува и за големите заплени на хероин во пристаништата Констанца во Романија, Копер во Словенија и Варна во Бугарија, како и долгогодишниот проблем со шверцот со цигари, особено преку пристаништата Бар во Црна Гора и Пиреја во Грција.

„Во некои пристаништа се чини дека има ќелии на криминални групи кои работат како дел од пошироки транснационални мрежи. Неколку пристаништа се магнети за криминал, привлекувајќи не само локални криминални групи, туку и оние од земји без излез на море на кои им е потребен пристап до морето, изјави главниот автор на извештајот Рудиеро Скатуро.

Во извештајот се наведува дека безбедноста на пристаништата во Југоисточна Европа е подобрена во текот на изминатата деценија благодарение на поголемите инвестиции во технологијата, усогласувањето со меѓународните безбедносни стандарди, како и поддршката од организации како Канцеларијата на ОН за дрога и криминал и ЕВРОПОЛ, како и преку билатерална помош, но дека корупцијата ги поткопува техничките подобрувања.

Извештајот, исто така, ја нагласува „ранливоста на реката Дунав на криумчарење“. „Се чини дека Дунав е мртва точка и заслужува повеќе внимание, особено поради потенцијалот за шверц на гориво“, вели Валтер Кемп. паг/

Остани поврзан