• четврток, 26 декември 2024

Истражување на ИКС: Политичките актери и медиумите соучесници во креирање „стварност“ исполнета со штетни наративи

Истражување на ИКС: Политичките актери и медиумите соучесници во креирање „стварност“  исполнета со штетни наративи

Скопје, 18 јануари 2024 (МИА) - Политичките актери во Македонија и медиумите се соучесници во креирање „стварност“ која е исполнета со штетни наративи. Притоа, првите подзабораваат на поставените норми и стандарди за јавна комуникација (транспарентност, етичност, професионалност и непристрасност во комуникацијата, комуникација базирана на докази, негување на културата на говорот и воздржување од дискриминаторски говор), а вторите на етичките кодекси и на основните новинарски правила за информирање на јавноста.

Ова се клучните наоди во првиот извештај од истражувањето на Институтот за комуникациски студии „Мерење на политички штетни наративи“ (ШТЕТ-НА).

Истражувањето, како што наведуваат од ИКС, покажува и дека специфично како главен извор на штетни наративи најчесто се јавуваат мал број политички партии, како и дека дел од медиумите со еднострано и некритичко известување помагаат овие токсични наративи да добијат ехо во медиумската средина. 

Истражувани се два сегменти, односно спроведени се следење и анализа на наративите што ги креираат и ги споделуваат политичките актери во земјава преку нивните веб страници и Фејсбук профили и следење и анализа на медиумското известување за политичките актери и наративите што ги креираат и ги споделуваат. Резултатите, како што наведува ИКС, даваат одговор на прашањата дали и како политичките актери во Македонија креираат штетни наративи и каква е улогата на медиумите при известувањето за овие наративи, односно дали притоа ги применуваат професионалните и етичките новинарски вредности и стандарди.

За првиот сегмент од истражувањето е спроведен мониторинг на интернет-страниците и фејсбук-страниците на 10-те политички партии и нивните лидери чии партии бројат најмалку двајца пратеници во парламентарниот состав 2020 - 2024 година: Алијанса на Албанците, Алтернатива, ДУИ, Демократско движење, ВМРО-ДМПНЕ, Левица, ЛДП, НСДП, СДСМ, СПМ), како и 20-те членови на Владата, набљудувани во периодот септември - октомври 2023 година. Динамиката за следење на содржините на политичките актери е „секој последователен трет и четврти ден во месецот, односно вкупно 15 дена во септември и 16 дена во октомври 2023 година“.

За вториот сегмент од истражувањето спроведен е мониторинг на 11 онлајн медиуми: Локално, Независен, Слободен печат, А1он.мк, МКД.мк, Република, Курир, Алмакос, Тетова сот, Нова ТВ, Вечер.мк. и девет телевизиски станици: МТВ 1, МТВ 2, Алфа ТВ, Канал 5, Сител ТВ, ТВ 24, Телма, Алсат М, ТВ 21. Мониторингот на овие медиуми се спроведуваше во вкупно 14 дена во октомври (8) и во септември (8).

Мониторингот и анализата на партиската јавна комуникација покажуваат дека во јавниот дискурс застапен на интернет-страниците и објавите на социјалните медиуми на политичките актери преовладува реторика во која се изнесени наводи за корумпираност, нетранспарентност/неотчетност, непрофесионалност, злоупотреба на службената должност без обид за поткрепа на тие тврдења. Непроверени наоди, се вели во извештајот, се користат како основа за обвинување на политички противници, за развивање штетни наративи на популизам, поткопување на довербата во институциите, пристрасно селектирање на податоци што доведува до погрешни заклучоци и поттикнување општествено-политички поделби во јавноста.

Анализата покажува дека партиите најмногу штетни наративи „произведуваат“ кога комуницираат преку соопштенија за јавноста, без разлика дали се пласирани на интернет- или на фејсбук-страница, а потоа следуваат прес-конференциите, говорите на политичарите и сл. Во фејсбук-објавите забележано е и дека се користат слики, видеа и аудиозаписи што се креирани со цел да ја доведат јавноста во заблуда дека нешто е реалност и вистина, ама не е (и чија невистинитост може да се докаже), со цел да се развиваат штетни наративи со манипулативна аудиовизуелна содржина, пристрасно селектирање, напад на личноста и демонизација, како и ширење паника и страв.

Истражувањето покажува дека во користењето штетни наративи предводат најголемите политички партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ вообичаено политичкиот опонент го дискредитира како партија која нуди „самоизолација“, „неизвесност“, „несигурност“ и „блокада“, а истовремено го етикетира и го демонизира претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски со епитетот „Малиот Груевски“. Притоа, преку пристрасно селектирање на факти со потенцирање само на позитивните аспекти од процесот на пристап на земјата кон ЕУ и со изоставање на аргументите на опозицијата (неприфаќањето на уставните измени), владејачката партија гради наратив за опозициската партија дека поттикнува поделби бидејќи е „анти-ЕУ“.

Од друга страна, критичките пораки на ВМРО-ДПМНЕ најмногу се насочени кон Владата, СДСМ, ДУИ и премиерот Димитар Ковачевски. Владата често се именува со „власта“, „влада на СДС и ДУИ“, а политиките се „антинационални“ и „антинародни“. Популизмот, поткопувањето на довербата во институциите, нападите на личноста и етикетирањето се користат во наративи на ВМРО-ДПМНЕ често во контекст кога се зборува за претседателските и парламентарните избори кои треба да се одржат во 2024 година. Наративот кој се користи изразува самоувереност во победничките резултати што ВМРО-ДПМНЕ ќе ги има, а се критикува политичкиот опонент дека е плашлив или губитник.

Истражувањето како дополнително загрижувачки го посочува трендот на користење на официјални владини канали на комуникација за партиска пропаганда, односно објавување на партиска содржина на фејсбук-профилите на премиерот и министри од Владата. Со овие објави за партиска промоција и пропаганда на официјалните фејсбук-профили, премиерот и министрите директно ги прекршуваат начелата на професионалност и непристрасност во комуникацијата на владините претставници, но се прекршува и владиниот Етички кодекс за јавни службеници.

Во делот на медиумите е констатирано дека немањето професионална бариера и проверка на изјавите кои промовираат обвинување без докази, популизам, нетрпеливост, ширење дезинформации, па дури и омраза кон одредени групи, кај дел од анализираните медиуми, само ги охрабрува политичките актери кои во медиумите гледаат слободна платформа да ги промовираат своите штетни наративи. Едностраното информирање на медиумите, односно претставувањето на само една страна во новинарскиот прилог/објава, е сериозен проблем кој упатува на непрофесионално известување и небалансиран и пристрасен однос, наведува ИКС.

Во делот со поднаслов „Новинарите - неми пренесувачи на штетни наративи, ИКС наведува дека медиумското известување на онлајн-медиумите изобилува со голем број содржини со штетни наративи, а на ваквата слика доминантно влијаат два онлајн-медиуми (од вкупно 11 анализирани), Вечер.МК и Република, во кои, како што се истакнува во известувањето далеку најбројни се негативните наративи.

-Во онлајн-медиумите доминира едностраното информирање. На тоа се надоврзува и поводот за објавување на прилогот, каде приматот го имаат т.н. псевдонастани, односно настани кои се креирани за да привлечат медиумско внимание. Најчесто тоа се партиски конференции за печат, изјави на политички актери и сл, се наведува во анализата.

Анализата од следењето на медиумските содржини кај телевизиите покажува дека со приближувањето на датумот за избори се заострува реториката на политичките актери и бројот на изјави кои содржат штетни наративи.

-Повеќе од половината се регистрирани кај приватната ТВ-станица ТВ Алфа (34 прилози или 51,5 отсто). Политичките актери кои доминираат во ваквите прилози најчесто доаѓаат од најголемите политички партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, што може да значи две работи – дека тие се најчестите креатори на ваквите наративи или дека помалите партии не добиваат подеднаков простор во главните вести на ТВ-станиците. Со ислучок на ТВ Алфа, во која се забележуваат случаи кога новинарите со своето известување и врамување на прилозите учествуваат во креирањето на штетните наративи, во останатите случаи најчесто новинарот е само нем пренесувач на политичките изјави, без да постави филтер за ваквиот наратив, се наведува во анализата на ИКС. ац/са/

Фото: ИКС

Остани поврзан