• сабота, 21 декември 2024

Истражување: Медиумите во Србија континуирано се антизападни

Истражување: Медиумите во Србија континуирано се антизападни

Белград, 10 јули 2023 (МИА) – Во Србија по едногодишно истражување на медиумите и шест анкети за ставовите на граѓаните во интервали од два месеци, забележливо е континуирано антизападно расположение, кое се карактеризира со негативно претставување на западните земји и идентични негативни ставови на мнозинството српски граѓани за ова, покажаа резултатите од истражувањето на организацијата Нов трет пат.

Според истражувањето, како што јави дописникот на МИА од Белград, претставувањето на Русија и Украина е значително поизбалансирана од претходно, додека најпопуларни лидери кај испитаниците остануваат: Владимир Путин, Си Џинпинг и Виктор Орбан.

Истражувачот на Нов трет пат, Драгослав Рашета изјави дека најголем број негативни текстови во 15-те најчитани портали за вести во Србија се за НАТО,Велика Британија и САД, додека само Кина забележала стабилно позитивно претставување во целиот период од март 2022 до април 2023 година.

- Од март минатата година до април 2023 година, САД не забележаа ниту еден месец нето позитивно претставување, ниту пак Велика Британија или НАТО. Европска Унија тоа успеа да го постигне дури во март и април годинава. Ова се случи најмногу поради позитивната комуникација за ефектите од различните програми за помош на ЕУ во Србија, вклучително и грантот за болницата Тиршова 2 и други важни проекти, рече Рашета.

Кога станува збор за ставовите на граѓаните во јунската анкета, истражувачот од оваа организација Миљан Младеновиќ ги наведе непроменетите ставови на граѓаните кога станува збор за противењето на санкциите кон Русија, како и односот кон членството во Европската Унија, каде што соодносот на симпатизери и противници е блиску до 50:50, со мала предност на евроскептиците. Најголемата разлика во однос на идентичното истражување лани е постепениот раст на поддршката за влез во НАТО.

Русија е рангирана како најважен политички партнер со избор на речиси 50 отсто од граѓаните, а по неа е Европската унија со 30 проценти, додека Кина е на трето место со 17 отсто. Граѓаните ја гледаат Европската Унија како главен економски партнер во сите шест спроведени анкети со над 70 проценти. Од друга страна, над 2/3 од граѓаните сметаат дека до 2030 година доларот повеќе нема да биде доминантна светска валута.

Во истражувањето испитаниците имаа можност да оценат од 1 до 7 големи земји, организации и светски лидери. Најдобро оценети земји со просечна оценка над 4 беа: Индија, Русија и Кина, а најлошо оценети актери со просечна оценка под 3 беа: НАТО, Велика Британија, САД и Европската унија.

- Антизападното расположение е многу силно меѓу испитаниците, така што врховниот лидер на Северна Кореја Ким Џонг-ун забележа подобар просечна оценка од сите западни лидери, како и Иран од сите западни земји, организации и нивните лидери, рече Младеновиќ. об/ми/

фото: МИА

Остани поврзан