• понеделник, 23 декември 2024

Истражување: Бременоста е заразна

Истражување: Бременоста е заразна

Лос Анџелес, 19 октомври 2022 (МИА) - Бременоста на пријателка на една жена може позитивно да влијае на желбата и таа да има дете, пишува „Списанието на Американското социолошко здружение“.

Научниците испитувале вкупно 1.720 жени во САД, набљудувани од средината на 90-тите до крајот на предминатото десетлетие. Така, дури 50 отсто од испитаничките жени родиле дете до мигот кога биле спроведени последните интервјуа, 2008 година. Жените ги бележеле нивните пријателства, што на научниците им дало јасен увид, а особено се сосредоточиле на најдобрите другарки од средно училиште, кои останале пријателки долги години и откриле дека постои необичен феномен на „зараза“ околу бременоста. „Дојдовме до откритие кое потврдува дека споменатото влијание почнува за време на бременоста на пријателката, почнува да расте откако пријателката ќе се породи и го достигнува својот врв две години по раѓањето на детето“, објаснуваат авторите на истражување. Нарекувајќи го „посебен ефект врз плодноста“, истражувачите веруваат дека постојат најмалку три теории за тоа - зошто бременоста може да биде заразна меѓу пријателките? Така, жената е повеќе наклонета кон мајчинството ако види дека пријателката успешно се справува со сѐ тоа, а од друга страна, повеќето луѓе всушност и не сакаат да се чувствуваат како „да заостануват“ зад својата околина, па и во општеството. Второ, битен фактор е и меѓусебната помош и взаемното учење за новонастанатата состојба во која се наоѓаат две жени. Освен тоа, тука има и финансиски придобивки - кога пријателките можат заедно да ги координираат обврските и да ги споделат трошоците со пренесување на детските работи, минување време заедно или грижа за детето на другата.  си/сд/

Остани поврзан