• сабота, 23 ноември 2024

Историската комисија функционира автономно и нема политички влијанија, вели Османи

Историската комисија функционира автономно и нема политички влијанија, вели Османи
Скопје, 17 јули 2022 (МИА) – Во втората точка од Протоколот што денеска беше потпишан од страна на Северна Македонија и Бугарија се наоѓа темата за Историската комисија меѓу двете држави. Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денеска на брифинг со новинари посочи дека во оваа тема се употребуваат зборовите „охрабрува“ или „поттикнува“ со цел јасно да се стави до знаење дека Комисијата за историските прашања е целосно автономна и нема политички влијанија врз неа. На денешниот брифинг со медиумите, каде што Османи го презентираше Протоколот, тој посочи дека Комисијата е независна, а политиката не се меша во работата, туку тие си одлучуваат, а работи исклучиво на принципот на реципроцитет. - Тоа што ми е важно е дека комисијата вели „ако ние прифатиме, вие слободно имплементирајте, затоа што стоиме зад тоа“. Шпекулацијата дека Комисијата има рокови за отворање и затворање поглавја не е точна бидејќи информацијата „ја охрабруваме комисијата до членство во ЕУ“ значи на некој начин политичка волја од двете страни, рече Османи. Во Протоколот е истакнато дека двете држави преку надлежните министерства и единици на локалната самоуправа во рок од две години треба да ги вклучат сите веќе меѓусебно договорени резултати од работата на Комисијата, согласно членот 8 ал. 2 од Договорот, во учебните програми, учебниците и релевантни учебни материјали, а истите резултати да ги земат предвид и да се рефлектираат врз содржините на натписи на споменици, знаци, информациски материјали во музеи и други објекти со образовно и културно значење, како и релевантни информации во електронски информативни медиуми во јавна сопственост. Досега, како што информираше министерот Османи усвоени се пет прашања за чествување и една препорака за учебник. За да се донесе некоја одлука, седум членови од Комисијата едногласно треба да кажат „да“, а потоа таа одлука треба да биде доставена до МНР, па потоа до Владата и на крај до ресорното министерство. Прашан дали доколку Владата не имплементира одлука донесена од Комисијата ќе се смета за непочитување на Договорот, Османи истакна дека тоа важи за непочитување на Договорот и оти и верува на Комисијата. - Ниту еден од нас не е историчар па да проценува дали е тоа така, додаде тој. Историската комисија е автономна, Протоколот утврдува што прави Владата, бидејќи Владата може да не ги почитува одлуките на Комисијата. Тоа е веќе класично минирање на договорот и затоа тука се утврдува, ако Комисијата утврди, Владата нема зошто да не прифати. Веруваме во тие луѓе, не правиме притисок, им овозможуваме услови, заклучи Османи. Како што нагласи министерот за надворешни работи, Комисијата е охабрена да ги заврши прашањата за средниот век за една година, други временски ограничувања нема, а има охрабрување таа да ја заврши својата работа до зачленувањето на земјата во ЕУ. ки/ац/

Остани поврзан