• понеделник, 23 декември 2024

ИСОС презема активности за откривање и санкционирање на злоупотреби со фалсификувани уверенија и лиценци

ИСОС презема активности за откривање и санкционирање на злоупотреби со фалсификувани уверенија и лиценци

Скопје, 14 март 2024

Институтот за сметководители и овластени сметководители (ИСОС) со големо внимание пристапи кон разгледување на сите информации и пријави кои деновиве беа добиени од членови на Институтот, во врска со случаи на фалсификувани исправи (уверенија за сметководител и овластен сметководител, како и лиценци за сметководствени друштва) кои биле злоупотребувани при доставување на годишните сметки во Централниот регистар на РСМ.

По добивањето на ваквите информации и пријави, Управниот одбор на ИСОС одржа вонредна седница на која ги утврди активностите, чија реализација веќе е во тек, а кои треба да овозможат целосно расчистување на овие случаи. Истовремено, за ситуацијата и чекорите што се преземаат информиран е и Советот за унапредување на сметководствената професија, како надлежно тело за надзор и контрола.

ИСОС веднаш стапи во комуникација со надлежните во Централниот регистар за да се осигура дека ниту една годишна сметка поднесена од субјект со фалсификувана исправа (уверение или лиценца) не е, и нема да биде одобрена. Воедно, донесена е одлука за овие случаи на злоупотреби да биде информирана и Управата за јавни приходи, со цел превентивно да се елиминира секаква можност од нивна злоупотреба при поднесување на даночни пријави.

Донесена е и одлука сите сознанија и информации за можни злоупотреби на уверенија и лиценци, во најкраток можен рок да бидат доставени до Јавното обвинителство на РСМ и до Управата за финансиска полиција, заради нивно постапување и утврдување на одговорноста.

Управниот одбор на ИСОС оцени дека брзото откривање на ваквите злоупотреби е една од придобивките од процесот на ажурирање и објавување на податоците во регистрите на сметководители и овластени сметководители, вклучително и на регистарот на друштва за вршење на сметководствени работи, вклучувајќи ја и електронска размена на податоците од вака ажурираните регистри со Централниот регистар. На тој начин се создадоа можности за ефикасно откривање и расчистување со ваквиот вид неправилности, што веруваме дека ќе придонесе за поефикасна заштита на правата на професионалните сметководители и друштвата за сметководствени услуги, како и за целокупно унапредување на професијата.

 

Институтот за сметководители и овластени сметководители (ИСОС) 

 

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан