• вторник, 24 декември 2024

„Исламска држава“ го потврди апсењето на четворица нејзини членови, кои го извршија нападот во московскиот регион

„Исламска држава“ го потврди апсењето на четворица нејзини членови, кои го извршија нападот во московскиот регион

Багдад, 29 март 2024 (МИА) - Екстремистичката група „Исламска држава“ (ИД) денеска го потврди апсењето во Русија на четворица нејзини членови одговорни за смртоносниот напад во концертна сала надвор од Москва, еден ден откако руските власти изнесоа нови обвинувања за врски меѓу напаѓачите и Украина, објавија американските медиуми. 

Одговорноста за нападот, во кој пред една недела загинаа 143 лица во градското собрание Крокус, веќе ја презеде ИД, но руските власти велат дека зад него стојат „украински националисти“. Киев од своја страна негира вмешаност во нападот.

Изданието на ИД, „Ан Набаа“ потврди дека „четворица борци кои се војници на калифатот“ ја нападнале салата во предградие на Москва. Тројца од нив користеле автоматско оружје, а четвртиот предизвикал пожар, напиша „Ан Набаа“, повикувајќи се на каналите на џихадистичката група на Телеграм. Напаѓачите потоа побегнале од местото на настанот.

Руските сили започнаа потера и на крајот ги опколија терористите во шумска област. 

-Господ да ги ослободи од заробеништво, напиша неделникот „Ан-Наба“.

Во нападот, најсмртоносниот во Русија во последните 20 години, загинаа најмалку 143 луѓе, а 360 беа повредени, меѓу кои и деца. Руските власти објавија апсење на 11 лица, меѓу кои и четворицата наводни напаѓачи. Осуммина од нив се обвинети и им е одредена мерка притвор.

Рускиот Истражен комитет, органот одговорен за големи криминални истраги, вчера соопшти дека извршителите на нападот имале „врски со украинските националисти“ и дека добиле „големи“ количества пари и криптовалути од Украина.

Самиот руски претседател Владимир Путин изјави дека „четворицата напаѓачи се уапсени во руската област Брјанск додека се обидувале да побегнат во Украина, каде од украинската страна бил подготвен „прозорец“ за да им се дозволи да ја преминат границата“.

Директорот на руската Федерална служба за безбедност (ФСС), Александар Бортников, ги обвини украинските и западните тајни служби за „олеснување“ на нападот. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан