Ирска инвестира 1,7 милијарди евра во одбрана од дронови и ризици од саботажа
- Ирска денеска соопшти инвестиција од 1,7 милијарди евра во модернизација на воена опрема, капацитети и инфраструктура за заштита од дронови и можна руска саботажа на подводни кабли.
Даблин, 11 декември 2025 (МИА) – Ирска денеска соопшти инвестиција од 1,7 милијарди евра во модернизација на воена опрема, капацитети и инфраструктура за заштита од дронови и можна руска саботажа на подводни кабли.
Петгодишниот план беше најавен за време на посетата на министерката за одбрана Хелен Мекенти на воена база во близина на Даблин, а дел од целта е да им се покаже на европските партнери дека нивните лидери ќе бидат безбедни кога Ирска, која не е членка на НАТО и во голема мера се потпира на безбедносната соработка со Велика Британија, ќе биде домаќин на клучни самити на ЕУ во втората половина од следната година, пишува Политико.
Мекенти рече дека Ирска планира да набави и распореди системи против дронови во вредност од 19 милиони евра што е можно поскоро, „особено поради претстојното претседателство со ЕУ“.
Зголемувањето на воените трошоци, за 55 проценти повеќе од претходните планови, доаѓа една недела по посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски, која ја истакна ограничената способност на Ирска да го заштити својот воздушен и поморски простор.
Пет необележани дронови прелетаа над ирскиот патролен брод задолжен за обезбедување на летот на украинскиот лидер кратко по неговото слетување во Даблин.
Бродот не одговори, дроновите исчезнаа, а властите не го утврдија нивното потекло. Се сомнева дека дроновите се лансирани од неидентификуван брод забележан на сателитските снимки на Европската вселенска агенција, додека руската амбасада негираше вмешаност. јт/
Фото: Мекенти на Х