• среда, 25 декември 2024

Иран: Хезболах нема да ги ограничува нападите само на воени цели во Израел

Иран: Хезболах нема да ги ограничува нападите само на воени цели во Израел

Техеран, 3 август 2024 (МИА) - Претставништвото на Иран во Обединетите нации денеска порача дека нивниот сојузник Хезболах треба да го нападне Израел „во длабочина“ и да не се ограничува само на воени цели, како одговор на убиството на воениот шеф на тоа либанско екстремистичко движење во близина на Бејрут.

Воениот водач на Хезболах, Фуад Шукр, беше убиен во вторникот навечер во израелски воздушен удар на зграда во јужното предградие на Бејрут, при што загинаа уште шест лица, од кои петмина цивили.

Во говорот во четвртокот, шефот на Хезболах, Хасан Насрала, вети дека ќе одговори на „агресијата“ врз упориштето на Хезболах во главниот град на Либан, што предизвика страв од нова ескалација.

По тој удар, „предвидуваме дека Хезболах ќе избере повеќе цели и ќе нападне во длабочина (на Израел)“, соопшти денеска претставништвото на Иран во Обединетите нации, пренесе официјалната иранска агенција Ирна.

Хезболах, сојузник на палестинскиот Хамас, поддржан од Иран, речиси секојдневно разменува оган со израелската војска долж израелско-либанската граница од почетокот на војната во појасот Газа на 7 октомври, започната со напад на исламистичкиот покрет Хамас врз Израел.

„Хезболах и (израелскиот) режим почитуваа одредени линии за напади кои (во вторникот вечерта) беа преминати“, соопшти иранското претставништво.

Поради тоа, либанското движење нема да го ограничува својот одговор само на воени цели, се додава во соопштението.

Иран и Хамас го обвинија Израел и за убиството на шефот на палестинското исламистичко движење Исмаил Ханија во средата во Техеран и ветија дека остро ќе возвратат. ссм/

фото: архива

Остани поврзан