Иран: Нобеловката Наргес Мохамади ослободен од затвор на три недели поради здравствени причини
- Иранката Наргес Мохамади, добитничката на минатогодишната Нобелова награда за мир, која е во затвор од ноември 2021 година, е ослободена на три недели од здравствени причини, изјави денеска нејзиниот адвокат.
Техеран, 4 декември 2024 (МИА) - Иранката Наргес Мохамади, добитничката на минатогодишната Нобелова награда за мир, која е во затвор од ноември 2021 година, е ослободена на три недели од здравствени причини, изјави денеска нејзиниот адвокат.
„Според заклучокот на лекар, обвинителството во Техеран го замрзна три недели извршувањето на казната на Наргес Мохамади“, напиша адвокатот Мустафа Нили на социјалната мрежа Икс и додаде дека неговата клиентка е ослободена од затвор.
Наргес Мохамади во изминатите 25 години повеќе пати беше осудена и затворена за нејзината кампања против задолжителното покривање на жените и смртната казна. Голем дел од последната деценија поминала во затвор.
„Причината за нејзиното ослободување е нејзината физичка состојба по отстранувањето на туморот и трансплантацијата на коскена срцевина што се случи пред 21 ден“, рече Нили.
„Отстранетиот тумор е бениген, но Мохамади треба да се прегледува на секои три месеци“, вели нејзиниот адвокат.
Иранката во јуни беше осудена на уште една година затвор поради „пропаганда против државата“.
Таа одби да присуствува на судењето по нејзиниот неуспешен обид да го направи случајот отворен за јавноста.
Во март, активистката објави аудио порака од затвор во која ја осудува „големата војна против жените“ во Исламската Република.
По Исламската револуција во 1979 година жените во Иран се принудени да следат строги правила на облекување, вклучително и покривање на косата на јавно место. ссм/
фото: архива