• понеделник, 23 декември 2024

Иран најави промена на својата нуклеарна доктрина доколку се почуствува воено загрозен од Израел

Иран најави промена на својата нуклеарна доктрина доколку се почуствува воено загрозен од Израел

Техеран, 9 мај 2024 (МИА) - Иран ќе мора да ја промени својата нуклеарна доктрина доколку Израел му се закани, изјави советникот на врховниот ирански лидрф, Камал Харази, предизвикувајќи загриженост за иранското нуклеарно оружје.

„Не планиравме да изградиме нуклеарна бомба, но ако опстанокот на Иран е загрозен, нема да имаме друг избор освен да ја промениме нашата воена доктрина“, рече Харази, а денеска објави иранската Студентска новинарска мрежа, додавајќи дека Техеран веќе соопшти дека има потенцијал да изгради такво оружје, пренесе Хина.

Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, го забрани развојот на нуклеарно оружје со фатва на почетокот на 2000-тите, повторувајќи ја својата позиција во 2019 година, кога изјави дека „изградбата и складирањето нуклеарни бомби е погрешно, а нивната употреба е харам (религиски забранета)... Иако имаме технологија за нуклеарно оружје, Иран решително ја избегнува“.

Но, во 2021 година, тогашниот ирански министер за разузнавање кажа дека притисокот на Западот може да го принуди Техеран да работи на нуклеарно оружје.

„Во случај ционистичкиот режим (Израел) да ги нападне нашите нуклеарни постројки, ние повеќе нема да се двоумиме“, додаде Харази.

Во април, Иран и Израел достигнаа највисоко ниво на тензија, при што Техеран директно лансираше околу 300 проектили и беспилотни летала кон Израел како одмазда за непотврдениот израелски напад врз комплексот на иранската Амбасада во Дамаск, кој резултираше со жртви.

Иран во последните години ги развива своите нуклеарни постројки, тврдејќи дека тие служат исклучиво за цивилни цели.

По долготрајните преговори поради загриженоста дека Техеран би можел да развие нуклеарно оружје, Иран потпиша нуклеарен договор во 2015 година со кој драстично се ограничува збогатувањето ураниум и ја овластува Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) да врши строги инспекции.

САД, во меѓувреме, во 2018 година, се повлекоа од договорот во време на тогашниот претседател Доналд Трамп, а Техеран почна да збогатува ураниум и се приближи до чистотата на ураниум соодветна за производство на оружје, како и ограничувањето на инспекциите на МААЕ.

Неодамна, поранешни водечки ирански политичари навестија дека земјата сега е технички способна да развие нуклеарно оружје.сд/

Остани поврзан