• понеделник, 16 декември 2024

Иран го предупреди Израел за „опасните последици“ од неговите напади во Либан, реакции и од други владини лидери

Иран го предупреди Израел за „опасните последици“ од неговите напади во Либан, реакции и од други владини лидери

Техеран, 23 септември 2024 (МИА) - Иран денеска го предупреди Израел за „опасните последици“ од неговите напади во Либан, каде што Хезболах е цел на воздушни напади на израелската армија.

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Насер Канани „најостро ги осуди масовните воздушни напади“ извршени од Израел во јужен Либан и „предупреди на опасни последици“, се вели во официјалното соопштение.

Изјавата доаѓа откако во последните денови се интензивираа судирите меѓу Хезболах и Израел, што ги зголеми стравувањата за регионален конфликт од целосен обем поттикнат од војната во Газа.

Канани ги опиша израелските напади како „бесмислени“ и „силно ја критикуваше американската поддршка за Израел“, а истовремено го повика Советот за безбедност на ОН „да преземе итна акција“ за да се стави крај на војната во Газа.

И палестинското исламистичко движење Хамас денеска ги осуди смртоносните израелски напади врз неговиот сојузник Хезболах во Либан, нарекувајќи ги „варварска агресија“.

-Оваа варварска агресија од големи размери е воено злосторство, се вели во соопштението.

Неколку владини лидери надвор од Израел и Либан реагираат со очигледно зголемена тревога на денешните израелски напади врз делови од Либан.

-Израелските напади врз Либан означуваат нова фаза во неговите напори да го втурне целиот регион во хаос, се вели во соопштението на турското Министерство за надворешни работи.

Египетското Министерство за надворешни работи ги повика „меѓународните сили и Советот за безбедност на Обединетите нации веднаш да интервенираат“ за да се запре „опасната израелска ескалација во Либан“.

Ирак бара и „итна“ средба на арапските земји во Генералното собрание на Обединетите нации, што почнува утре во седиштето на ОН во Њујорк. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан