Иран бара промена на местото на состанокот и измена на дневниот ред
- Иран бара преговорите со САД, што се предвидени да се одржат в петок во Турција, да бидат во Оман. Техеран бара разговорите да се одвиваат на билатерално ниво, а не како што е планирано да учествуваат претставници на земјите од регионот, изјави неименуван регионален извор
Техеран, 3 февруари 2026 (МИА) – Иран бара преговорите со САД, што се предвидени да се одржат в петок во Турција, да бидат во Оман. Техеран бара разговорите да се одвиваат на билатерално ниво, а не како што е планирано да учествуваат претставници на земјите од регионот, изјави неименуван регионален извор.
- Сакаат промена на форматот, сакаат промена на опсегот, сакаат да разговараат со Американците само за нуклеарната програма, додека САД сакаат да вклучат и други теми, како балистичките проектили и активностите на иранските посредници во регионот, наведе неименуваниот извор.
На разговорите во Истанбул на 6 февруари предвидено е да учествуваат американските претставници Џаред Кушнер и Стив Виткоф, иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи и неколку министри од земјите од регионот.
Претходно, Министерство за надворешни работи на Катар соопшти дека продолжуваат интензивните дипломатски напори во регионот за организирање со разговорите помеѓу Иран и САД. Портпаролот на катарското МНР, Маџед ал Ансари изјави дека Доха за тоа соработува со соседните земји, но и со пријателските држави, при тоа наведувајќи ги Турција, Египет, Оман и Саудиска Арабија.
И додека е неизвесно дали ќе се одржи планираната средба во Турција, денеска се регистрирани два провокации од страна на иранската Револуционерна гарда (ИРГЦ). Американската морнарица собори ирански дрон во Арапско Море што се приближувал кон носачот на авиони „УСС Абрахам Линколн“. Претходно, бродови на ИРГЦ во Ормутски Теснец се обиделе да запленат трговски брод што пловел под американско знаме. Реагирал американскиот разурнувачот „УСС Мекфол“ со поддршка од воздух и го испрати танкерот надвор од областа. ми/
фото: МИА архива