• среда, 11 декември 2024

Ирански врховен лидер: Настаните во Сирија се резултат на израелско-американски заговор

Ирански врховен лидер: Настаните во Сирија се резултат на израелско-американски заговор

Техеран, 11 декември 2024 (МИА) - Иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, изјави дека случувањата во Сирија се дело на САД и Израел, пренесе иранската новинска агенција ИРНА.

Во обраќање пред илјадници присутни, Хамнеи изјави дека „нема сомнеж дека настаните во Сирија се резултат на американско-ционистички заговор“.

Тој посочи дека, иако соседна земја одиграла видлива улога во случувањата, вистинските заговорници се САД и Израел.

- Точно е дека соседна земја на Сирија одигра јасна улога во настаните и продолжува да го прави тоа – сите го гледаат тоа. Но, главниот заговорник и планер е Америка и ционистичкиот режим, изјави тој.

Хамнеи додаде дека „постојат јасни индикации кои не оставаат простор за сомнеж“.

Тој ја изрази својата увереност дека т.н. Фронт на отпорот ќе продолжи да се шири низ регионот.

- Колку повеќе се врши притисок врз Фронтот на отпорот, толку посилен станува. Колку повеќе злосторства се прават, толку поголема мотивација создаваат. Колку повеќе се борат против него, толку повеќе се шири, рече тој.

Во врска со анализите дека Иран е ослабен од неодамнешните настани, Хамнеи порача: „Со Божја волја, Иран е силен и моќен, и ќе стане уште помоќен“. ссм/

фото: архива

Остани поврзан