• петок, 22 ноември 2024

Иранскиот министер за надворешни работи потврдува подготвеност за обновување на преговорите за нуклеарната програма

Иранскиот министер за надворешни работи потврдува подготвеност за обновување на преговорите за нуклеарната програма

Техеран, 23 септември 2024 (МИА) - Иран е подготвен да започне нова рунда нуклеарни преговори, изјави министерот за надворешни работи на земјата Сејед Абас Арагчи, јави Ал Џазира.

Во објава на социјалните мрежи, министерот за надворешни работи изјави дека Техеран е подготвен да отвори разговори за иранската нуклеарна програма оваа недела, доколку другите страни покажат волја. Сепак, новоименуваниот политичар, кој се смета за умерен, призна дека зголемените регионални тензии го прават оживувањето на процесот предизвик.

- Ако другите страни се подготвени, можеме да ги обновиме преговорите за време на ова патување,  изјави Арагчи. Високиот дипломат на Иран оваа недела треба да присуствува на Генералното собрание на Обединетите Нации во Њујорк, каде што иранскиот претседател Масуд Пезешкиан треба утре да одржи говор.

- Ќе останам во Њујорк уште неколку дена по враќањето на претседателот и ќе имам повеќе средби со министри за надворешни работи од различни земји, додаде Арагчи.

Во јули оваа година, Пезешкиан победи на претседателските избори. Тој се заложи да ги обнови преговорите со западните сили со цел укинување на санкциите за олеснување на економскиот притисок врз Иран. ссм/

фото: архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан