• понеделник, 16 декември 2024

Ирак најави повторно отворање на најголемата нафтена рафинерија

Ирак најави повторно отворање на најголемата нафтена рафинерија

Багдад, 23 февруари 2024 (МИА) – Ирачкиот премиер Мухамед Шиа ал Судани денеска најави дека повторно ќе ја отвори најголемата рафинерија во земјата, Беиџи, која беше затворена речиси една деценија откако беше оштетена за време на конфликтот со екстремистичката група Исламска држава (ИД).

Во изјавата на премиерот се вели дека рестартирањето на производството во рафинеријата Беиџи ќе му овозможи на Ирак да ги задоволи домашните потреби за нафтени деривати, заштедувајќи милијарди долари годишно, кои, како што рече, „ќе се инвестираат во други услуги и аспекти на економијата“.

Нафтената рафинерија Беиџи, која се наоѓа на околу 250 километри северно од главниот град Багдад, не е користена откако ИД ја зазеде во воена операција во летото 2014 година.

Објектот, кој некогаш имаше капацитет да преработува повеќе од 300.000 барели нафта дневно, беше сериозно оштетен за време на борбите.

Поголемиот дел од опремата во рафинеријата е ограбен. Во август, премиерот ал-Судани објави дека во северниот полуавтономен регион Курдистан биле пронајдени повеќе од 60 камиони со опрема и материјали кои биле земени од рафинеријата.

Објектот одигра симболична, но и стратешка улога во борбата против ИД.

Неговото повторно отворање доаѓа во време кога Ирак преговара за повлекување на коалициските сили предводени од САД распоредени во земјата за да се борат против екстремистичката група, бидејќи Ирак се наоѓа во несигурна позиција среде регионалните тензии предизвикани од израелската војна во Газа. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан