• петок, 22 ноември 2024

Иравани: Провокативните изјави на Бајден се загрижувачки и се премолчено одобрување на израелска воена агресија врз Иран

Иравани: Провокативните изјави на Бајден се загрижувачки и се премолчено одобрување на израелска воена агресија врз Иран

Њујорк, 22 октомври 2024 (МИА) - Иранскиот амбасадор во Обединетите нации, Амир Саид Иравани, во писмо до генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш и Советот за безбедност, напиша дека провокативните изјави на американскиот претседател Џо Бајден се длабоко вознемирувачки, бидејќи покажуваат премолчено одобрување и отворена поддршка на САД за нелегална воена агресија на израелскиот режим против Иран.

Во своите изјави, американскиот претседател откри дека има информации за тоа како и кога Израел има намера да го нападне Иран, наведува Иравани во писмото, пренесе ИРНА.

Според него, оваа запалива изјава е длабоко вознемирувачка, бидејќи укажува на премолчено одобрување и експлицитна поддршка на САД за нелегалната воена агресија на Израел против Иран.

Ваквите забелешки, исто така, се во спротивност со конзистентните тврдења на САД дека поддржуваат деескалација во регионот, се наведува во писмото на амбасадорот Иравани.

„Американската инволвираност, преку обезбедување на техничка експертиза и напредно вооружување за Израел, вклучително и на софистицирани системи за противвоздушна одбрана, дополнително ќе го потикне и охрабри Израел да изврши агресивни напади врз Иран, ќе ја направи американската Влада „соучесник“ во агресијата на Израел против Иран и неговите последици, бидејќи тие веќе беа соучесници во тековната кампања на воени злосторства и геноцид насочени кон цивилите и цивилната инфраструктура во Газа и Либан“, посочи амбасадорот.

Иравани рече дека затоа САД ќе сносат целосна одговорност за својата улога во охрабрувањето и овозможувањето на какви било акти на агресија од страна на Израел против Иран, што е флагрантно кршење на основните принципи на меѓународното право и Повелбата на Обединетите нации, вклучувајќи го и принципот на забрана на употребата на сила според член 2(4) од Повелбата како и за катастрофалните последици за регионалниот и меѓународниот мир и безбедност.

„Исламската Република Иран го повикува Советот за безбедност недвосмислено да ја осуди оваа непромислена провокација и бара САД, како постојана членка, да ги исполнат своите обврски според меѓународното право и Повелбата на ОН“, нагласува Иравани во писмото.

Говорејќи пред новинарите на крајот од посетата на Берлин во саботата, Бајден рече дека има разбирање за тоа како и кога Израел ќе одговори на ракетните напади на Иран.

Во текот на ноќта на 1 октомври, Иран истрела околу 180 ракети кон Израел, а меѓу целите беа аеродроми и писти, како и канцелариите на израелската меѓународна разузнавачка служба Мосад.

По иранскиот ракетен напад врз Израел, премиерот Бенјамин Нетанјаху на состанокот на Кабинетот за безбедност рече дека нападот не успеал, но дека Иран направил „голема грешка“ и дека „ќе плати за тоа“.сд/

фото:ЕПА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан