ИОМ: Повеќе од 14 милиони луѓе се раселени во Судан, најголемата бегалска криза годинава
- Повеќе од 14 милиони луѓе се раселени поради војната во Судан, што е околу 30 отсто од тамошното население, објави Меѓународната организација за миграција (ИОМ), со оценка дека тоа е најголемата бегалска криза годинава.
Каиро, 29 октомври 2024 (МИА) - Повеќе од 14 милиони луѓе се раселени поради војната во Судан, што е околу 30 отсто од тамошното население, објави Меѓународната организација за миграција (ИОМ), со оценка дека тоа е најголемата бегалска криза годинава.
Од нив, 11 милиони се внатрешно раселени, а повеќе од 3 милиони луѓе побегнале во соседните земји, изјави генералниот директор на ИОМ, Ејми Поуп.
Таа рече дека бројот на раселени лица од септември е зголемен за 200.000, додавајќи дека повеќе од половина се жени, а повеќе од една четвртина се деца на возраст под пет години.
„Нивото на раселување и хуманитарните потреби растат секој ден. Искрено, половина од населението сега има потреба од помош“, рече таа, истакнувајќи дека немаат пристап до засолништа, чиста вода за пиење или здравствена заштита.
ОН оваа недела предупреди дека е потребна хуманитарна помош за речиси 25 милиони луѓе во Судан.
Војната во Судан избувна во април 2023 година меѓу суданската армија и паравоените сили за брза поддршка.
Повеќе од 24.000 луѓе загинаа и беа извршени многу воени злосторства, вклучително и масовно силување и етничко чистење. паг/