• сабота, 23 ноември 2024

ИОМ: Повеќе од милион раселени лица заради судирите во Судан

ИОМ: Повеќе од милион раселени лица заради судирите во Судан

Њујорк, 25 мај 2023 (МИА) – Во Судан има над милион лица  внатрешно раселени лица откако минатиот месец во оваа земја избија судири меѓу суданската армија и паравоената група Сили за брза поддршка (РСФ), наведува Меѓународната организација за миграција (ИОМ).

Организацијата ги повика сите инволвирани страни „да ја осигураат безбедноста на хуманитарците и да им овозможат неограничен пристап за да можат да им помогнат на најранливите категории “, пренесе агенцијата Анадолија.

„За помалку од 40 дена, повеќе од еден милион лица се раселени поради насилството во Судан. Хуманитарните потреби продолжуваат да растат, бидејќи се повеќе луѓе ги напуштаат своите домови“, соопшти ИОМ.

Организацијата соопшти дека најмалку 1.361.308 лица се новораселени, вклучувајќи 1.042.114 внатрешно раселени лица и 319.194 кои побегнале во соседните земји.

„Најголем број раселени лица е забележан во Западен Дарфур (23,86 отсто), Бел Нил (19,65 отсто), околу реката Нил (15,64 отсто) и северните држави (13,93 отсто)“, соопшти ИОМ и додаде дека најмалку 80.000 лица избегале од Судан во Чад, 69.112 лица во Јужен Судан, 132.364 лица во Египет, 26.818 во Етиопија, 9.823 во Централноафриканската Република и 1.077 во Либија.

Според локалните лекари, во борбите што почнаа на 15 март, досега загинале најмалку 863 цивили, а 3.531 се ранети.

Судан е без функционална влада од октомври 2021 година, кога војската ја собори привремената влада на премиерот Абдула Хамдок и прогласи вонредна состојба во потег што политичките сили го осудија како државен удар. сд/

Остани поврзан