Интернет порталите формираа здружение за унапредување на својот статус во општеството
- Претставници на група професионални онлајн медиуми оформија Здружение за заштита и унапредување на интернет медиумите Onlinemedia.mk. Здружението, како што информираат, ќе се залага за целосно рамноправен третман на професионалните интернет портали со традиционалните медиуми, особено и поради фактот што истражувањата покажуваат дека интернет медиумите веќе се доминантен сегмент на медиумската индустрија, како во светот, така и кај нас.
Скопје, 20 септември 2023 (МИА) - Претставници на група професионални онлајн медиуми оформија Здружение за заштита и унапредување на интернет медиумите Onlinemedia.mk.
Здружението, како што информираат, ќе се залага за целосно рамноправен третман на професионалните интернет портали со традиционалните медиуми, особено и поради фактот што истражувањата покажуваат дека интернет медиумите веќе се доминантен сегмент на медиумската индустрија, како во светот, така и кај нас.
- Македонските интернет портали во иднина заеднички ќе се борат за подобрување на својот статус во општеството и за унапредување на професионалните стандарди и на третманот во медиумската заедница. По подолго време, интернет порталите се обединуваат во идејата да настапат заеднички за подобрување на овој медиумски сектор и за воспоставување правила на игра, посочуваат од здружението.
На првото собрание на Здружението, претставниците на издавачите покренале повеќе важни прашања, афирмирајќи го, како што информираат, и барањето интернет порталите да влезат во Законот за медиумите, при претстојните промени на овој закон коишто се очекуваат наскоро. Исто така, и во најавените измените на изборната регулатива, членовите на Onlinemedia.mk се сложни дека треба да се направат значителни промени, со цел да се отфрлат ограничувањата при изборното рекламирање во онлајн медиумите.
Основачи на здружението се Семи Мехмети, Александар Дамовски, Дејан Николовски, Бранко Героски и Насер Пајазити, а претседател е Владимир Кошевалиски. аа/лв/
Фото: МИА архива