• сабота, 16 ноември 2024

Интерес за економска соработка со Казахстан, средба на Сиљановска Давкова со казахстанскиот претседател Токајев во Баку

Интерес за економска соработка со Казахстан, средба на Сиљановска Давкова со казахстанскиот претседател Токајев во Баку

Скопје, 13 ноември 2024 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, во рамки на учеството на Самитот за климатски промени (КОП29) во Баку оствари средба со претседателот на Република Казахстан, Касим-Џомарт Токајев. На средбата беа потврдени пријателските односи меѓу двете држави и беа разменети мислења за актуелните геополитички состојби, како и за регионалната улога на двете држави, соопшти нејзиниот кабинет. 

Како мост помеѓу Азија и Европа, претседателката го поздравила придонесот на Казахстан и нивното значително влијание во глобални рамки, при што изразила подготвеност за продолжување на кооперативноста и конструктивноста во рамки на меѓународните организации, особено во Обединетите Нации и ОБСЕ.

На средбата меѓу двајцата претседатели станало збор и за можностите за соработка во сферата на културата, науката и образованието, за што претседателката Сиљановска Давкова нагласила дека е потребно унапредување на правната рамка, интензивирање на политичкиот дијалог, почести средби, размена на посети и лични контакти.

Во таа насока, претседателката изразила интерес за максимизирање на економската соработка, трговската размена, инвестициите, како и за конкретизирање на соработката во градежниот, енергетскиот сектор, ИТ секторот и во туризмот.

Во разговорите било поздравено отворањето на Амбасадата на Казахстан во Скопје, како значен чекор во продлабочување на севкупните билатерални односи. сст/ац/

Фото: Кабинет на претседател на РСМ

 

Остани поврзан