• среда, 09 октомври 2024

Интензивно се градат типските куќи за 41 семејство во штипската населба Света Недела

Интензивно се градат типските куќи за 41 семејство во штипската населба Света Недела

Штип, 8 октомври 2024 (МИА) - Во штипската населба Света Недела интензивно се градат типските куќи за 41 семејство, лица кои долги години живеат во субстандарни услови во објектите на старото Нервно одделение.

Ерол Адемов, советник за малцински прашања во Општина Штип, денеска изјави дека со изградбата на куќите, дом ќе добијат 260 лица, од кои половина - деца. Тој посочи дека куќите треба да бидат готови до Нова година, кога се очекува и станарите да се вселат во нив.

- Она што ќе биде важно, е, тоа што ќе се направат договори со овие семејства, со што ќе бидат корисници на овие домови. Ќе имаат обврска да си ги плаќаат комуналните такси за потрошена електрична енергија и вода, појасни Адемов.

Тој истакна дека има четири типа куќи, со различна квадратура, а сѐ зависи од тоа колку члена има едно семејство. Адемов рече дека во типските куќи ќе бидат сместени семејствата кои со години живеат во објектите на старото Нервно одделение и во една куќа во центарот, што се распаѓа.

Додека, оние лица кои се населија во објектот на старото Нервно одделение од други градови или локации, како што беше појаснето, не се наоѓаат на списокот и тие ќе мора и да ги напуштат старите објекти, со цел да се урбанизира и изгради булеварот „Партизанска“.

- Многупати интервениравме да го напуштат тоа место, со оглед на фактот дека ги нема во ниту една евиденција и да не очекуваат дека ако се тука, ќе добијат дом. Листата на станари ја направивме уште пред стартот на самиот проект, додаде Адемов.

Проектот изградба на типски куќи за 41 семејство во Штип и реновирање куќи во Берово е финансиски поддржан од фондовите на ЕУ. вдј/бд/

Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан