• сабота, 06 декември 2025

Инклузивнa манифестација за велешките ученици и децата од градинките со децата со посебни потреби

Инклузивнa манифестација за велешките ученици и децата од градинките со децата со посебни потреби

Велес, 5 јуни 2025 (МИА) – Под мотото „Другарство што не познава граници – заедно чекориме напред“ синоќа на сцената на Тетарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес се одржа заеднички инклузивен настан - свечена приредба и дружење што го организираа наставниците и учениците со посебни потреби од Основното училиште со Ресурсен центар „Маца Овчарова“ со децата од Градинките „Димче Мирчев“ и учениците од ООУ „Васил Главинов“ и Балетското студио „Анабела“.

Директорката на ОУ со Ресурсен центар „Маца Овчарова, Снежа Стојановска за МИА информира дека овој инклузивен настан го организирале со цел заедничко дружење со учениците од другите учиишта и градинките и за да и упатат силни пораки на јавноста оти и тие се тука и се дел од средината во која живееме.

-Да им порачаме на сите дека и овие деца се тука и оти сакаат да другаруваат, дека и ним треба да им подадат раце за секојдневно другарување  низ песна игра и учење, за и тие деца, како и сите останати секој ден да бидат среќни и весели, потенцира Стојановска.

Воедно учениците од ОУ со  РЦ „Маца Овчарова“ на сцената на театарот ја одиграа детската претстава „Снежана и седумтте џуџиња“, придружена и со видео бим со илустрации од сликовницата. За прекрасната изведба на сцената без зборови само со гест и насмевки, од бројната публика и нивните другарчиња  добија долг и силен аплауз.

Во рамките на програмата на бината пред бројната публика беше промовирана и сликовницата „Драгарка, другарко и две маченца“ од Денис Јанкуловски, а ја промовира Дејан Трајков од издавачката куќа „Прозарт медиа“.

Сликовницата е за децата со посебни потреби, но и за сите деца. Воедно има издание и на Брајово писмо, а еден примерок на ова Брајово писмо од издавачот е  оставен од Локалната библиотеа „Гоце Делчев“.

Авторот Денис Јанкуловски, на кого оваа му е втора сликовница и е познат хуманист, особено за овие деца со посебни потреби, појасни дека темата на двете сликовници е другарството. Тој информира дека веќе седум - осум години е дирекно вклучен во зголемувањето на свесноста за различностите, во прифаќањето, почитувањето, инклузијата, сакањето, другарувањето на  лицата со атипичен развој.

-Без разлика дали се работи за некоја состојба или болест, преку разни настани и преку сликовниците сакам да дадам свој придонес и да покажам дека и тие лица, деца и возрасни лица се со име и презиме и се со многу желби, посакувања и сакаат слични или исти нешта како и нас. Тие се лица кои ги заслужуваат сите права, како и секое друго дете. Во последно време избегнувам да употребувам израз деца со атипичен развој, попречености едноставно за мене сите деца се деца, потенцира авторот Јанкуловски. ад/сст/

Фото МИА архива

 

Остани поврзан