Инклузивна ликовна работилница во Куќа на мирис и вкус во Кавадарци
- Инклузивна ликовна работилница се реализираше денеска во Куќа на мирис и вкус во Кавадарци, во организација на Комисија за еднакви можности при Општина Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, симбол на трудот, плодноста и традицијата, празник што се смета за заштитник на лозарите и винарите во најголемиот лозаровинарски регион во државата.
Кавадарци, 12 февруари 2026 (МИА) - Инклузивна ликовна работилница се реализираше денеска во Куќа на мирис и вкус во Кавадарци, во организација на Комисија за еднакви можности при Општина Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, симбол на трудот, плодноста и традицијата, празник што се смета за заштитник на лозарите и винарите во најголемиот лозаровинарски регион во државата.
- Свети Трифун потсетува на вредностите на посветеноста, заедништвото и почитта. Токму тие вредности се темел и на нашите заложби за создавање општество во кое сите граѓани имаат еднакви можности, еднаков пристап и еднакво достоинство, истакна Ангелина Панова, координаторка за еднакви можности при Општина Кавадарци.
Притоа нагласи дека Комисијата за еднакви можности континуирано работи на подигнување на свеста, унапредување на родовата еднаквост и јакнење на инклузивноста во локалната заедница.
- Нашата цел е јасна – општина во која нема дискриминација, туку има разбирање, поддршка и рамноправност. Преку ваквите настани испраќаме порака дека еднаквоста не е само законска обврска, туку заедничка одговорност. Само со заеднички напори можеме да изградиме посилна, поправедна и пообединета заедница. Благодарам за вниманието и за поддршката во пренесувањето на оваа важна порака до јавноста, порача таа.
На тема лозаровинарство, твореа ученици од двете основни училишта, ,,Страшо Пинџур" и ,,Димката Ангелов - Габерот". Настанот беше инклузивен, твореа и талентирани деца од Центар за поддршка на деца со попреченост.
Ментори на децата творци беа ликовните уметници Ива Јосифова Даневски, Горан Боев и Ванчо Кеков.
Создадените дела ќе се продаваат, се парите од продажба ќе бидат за хуманитарни цели. свд/сст/
Фото: МИА