• четврток, 04 декември 2025

Инклузивна ликовна работилница во Делчево по повод 3 Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост

Инклузивна ликовна работилница во Делчево по повод 3 Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост

Делчево, 2 декември 2025 (МИА) - По повод 3 Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост, Националната установа Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“ – Делчево организираше инклузивна ликовна работилница во која заедно твореа ученици од основните и средното училиште, како и корисници од Дневниот центар за лица со попреченост.

Активноста е финансиски поддржана од Министерството за култура и туризам, а се реализира во соработка со деветолетките „Св. Климент Охридски“ и „Ванчо Прке“, гимназијата, „Методи Митевски – Брицо“, Дневниот центар за лица со посебни потреби и здружението „Бравура Кооператива“.

Директорот на НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“, Златко Начовски рече дека декември е месец кога посебно им се оддава внимание на лицата со посебни потреби.

-Нашата ликовна работилница е организирана како целосно инклузивна активност. Веруваме дека лицата со попреченост се дел од сите нас, дел од општествениот живот и дека различностите не треба да нè делат, туку да создаваат мостови меѓу луѓето. Делата од денешната работилница ќе бидат донирани во Дневниот центар. Сакам да им се заблагодарам на сите денешни учесници и на нивните ментори што беа дел од оваа активност, истакна Начовски.

Стручно појаснување околу техниката во која работат децата даде Александар Белогаски, стручен соработник за визуелни уметности, архитектура и дизајн и раководител на работилницата.

-Учествуваат ученици од основните училишта и средното училиште, заедно со корисниците на Дневниот центар, по повод 3 Декември – Денот на лицата со попреченост. Како и секоја година, денот го одбележуваме со заедничка ликовна работилница. Се твори во техника акрил на платно со димензии 50 на 70 сантиметри. Очекуваме работилницата да биде успешна како и изминатите години. По завршувањето, делата ќе им бидат доделени на корисниците на Дневниот центар, а кога ќе се оформи поголема колекција, планираме да организираме и изложба, истакна Белогаски.

Центарот за култура – Делчево со оваа активност ја продолжува практиката да создава инклузивни културни настани, истакнувајќи дека уметноста е простор што ги обединува различностите и ги поттикнува младите да создаваат заедно. вс/дма/


Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан