• сабота, 21 декември 2024

Иницијатива за изучување на францускиот јазик во училиштата во Општина Центар

Иницијатива за изучување на францускиот јазик во училиштата во Општина Центар

Скопје, 20 ноември 2024 (МИА) - За интензивирање на соработката, особено за промоција на францускиот јазик во училиштата во Центар, разговарале денеска градоначалникот на оваа скопска општина, Горан Герасимовски, и амбасадорот на Франција во државава, Кристоф Ле Риголер.

Како што информира Општина Центар, Герасимовски и Ле Риголер имале пријателска и конструктивна средба на која разговарале за интензивирање на соработката помеѓу Северна Македонија и Франција и за застапеност на францускиот јазик во наставата. Засега, во Центар, францускиот се изучува само во ООУ „Димитар Миладинов”.

-Договоривме и низа настани и средби со училиштата за негово изучување, со што ќе се зајакне оваа важна иницијатива. Имав можност да изразам голема благодарност за досегашната континуирана поддршка на амбасадата, со надеж дека во иднина ќе оствариме соработка и на локално ниво, преку директен контакт со нивните општини, истакнува Герасимовски.

Општина Центар во соопштението наведува дека продолжува со „силна и успешна партнерска врска со Амбасадата на Франција, моќна и влијателна европска држава, чијашто помош и искуства се од непроценливо значење за нас“. хс/дма/

Фото: Општина Центар

Остани поврзан