• среда, 25 декември 2024

Има промени во перципирањето на стручното образование, но му треба поголема промоција

Има промени во перципирањето на стручното образование, но му треба поголема промоција
Скопје, 30 септември 2022 (МИА) – Треба да се поттикнува перципирањето на стручното образование во констелација со економијата и децата од рана возраст да се научат дека и со струка може да се биде успешен и добро да се заработува. Кај нас тоа сѐ уште недостига, но промените се почнати со воведувањето дуално образование, за што од година во година се зголемува интересот - и од стручните училишта, и од компаниите кои примаат ученици на практична работа. На промоција на дуалното образование е фокусиран 10-годишниот проект „Образование за вработување“ – Е4Е@мк, www.e4e.mk кој, со поддршка на Владата на Швајцарија, кај нас се спроведува од 2018 година. Со поддршка на овој проект втора година се реализираше и  кампањата „Учи паметно, работи стручно“ чија цел е креирање уписна политика со која слободните места во училиштата ќе бидат дефинирани според барањата на пазарот на трудот, за што соработуваат Министерството за образование и наука, стопанските комори, локалните самоуправи и училиштата. Од 11 во учебната 2020/2021, бројот на дуални паралелки во оваа учебна година е зголемен на 225. Претставниците на Проектот Е4Е@мк  на средба со новинарите соопштија дека по четири години од неговата имплементација почнуваат да се гледаат промени во перцепцијата на стручното образование и вештините. Сепак, сметаат дека треба уште многу да се работи на негова промоција, како и на промена на ставот на родителите и сфаќањето во општеството наследено од минатото дека децата мора да имаат факултет. Иако не може да се преслика образовниот модел од Швајцарија кај нас, велат претставниците на Проектот, од оваа земја може многу да се научи за стручното насочување на децата. За тоа сведочи и саемот на струки „SwissSkills 2022“ што овој месец се одржа во Берн,  на кој учествуваа околу 1150 млади професионалци и претставени 150 струки. хс/дма/      

Остани поврзан