• сабота, 23 ноември 2024

Има квалитетно производство и пласман на пиперката, потребна е млада работна рака

Има квалитетно производство и пласман на пиперката, потребна е млада работна рака

Прилеп, 1 септември 2024 (МИА) - Во Кривогаштани, по вторпат синоќа се одржа Фестивалот на пиперката на кој на 20-тина штандови беа претставени земјоделските производи, најмногу познатата пиперка за ајвар – црвената капија, како и гастрономски производи од пиперки и од зеленчук и овошје.

Според производителите, годинава родот на црвената пиперка е квалитетен, но намален поради сушата и климатските промени. Побарувачката е голема и допрва ќе се интензивира за да се пласира на домашниот и на странскиот пазар.

- Моментално на пазарите нема некое големо количество пиперка за ајвар. Моменталната цена е 50 до 60 денари за килограм. Засега е добра цената. Сѐ уште интензивно не почнало да се бара пиперката. Допрва ќе почне приготвувањето на зимниците. Нема многу младина, затоа нема многу потрошувачка. Се бара пиперката „капија“ и за извоз. Инаку, годинава поради сушата нема многу големи количества и ќе се бара многу. А откупната цена се движи од 40 денари за прва и 30 денари за килограм втора класа црвена пиперка за ајвар, вели производителот Васко Неделкоски.

Откупувачите извезуваат и во Бугарија, Хрватска, Црна Гора, Словенија и во други европски држави. Производството е исплатливо, има иднина, но недостасува млада работна рака.

- Во споредба со лани, годинава е поголема побарувачката на пиперката. Се пробивме и на Балканот, овој фестивал многу помогна. И цената е повисока. Но, за жал, не може да речеме дека количествата се поголеми, зашто нема многу млади што се занимаваат со земјоделско производство. Производството има перспектива, но нема многу млади да работат, вели Стефан Благадушески, производител од Кривогаштани.

Организатори на фестивалот кои сакаат тој да стане традиција се Општина Кривогаштани и здружението „Лаг Агролидер“ од Прилеп. Фестивалот се одржува и со поддршка на Министерството за култура.

- И оваа година имаме околу 20 штандови, а годинава имаме гости, изложувачи од општина Лебане, Србија. Намерата ни е догодина фестивалот да се одржува два или три дена што уште повеќе ќе ја поттикне локалната економија, вели Николче Мисоски, градоначалник на Кривогаштани.

Фестивалот ги поттикнува пласманот, производството и развојот на локалната економија во Кривогаштани и регионот.

- Иницијативата на сите жители на Кривогаштани е фестивалот да прерасне во традиција, посебно со препознатливата црвена пиперка – ајварка – „капија“. Идејата е да се промовира потенцијалот на општина Кривогаштани, да се промовира производството на локалните земјоделци, агро-секторот, вели Марина Тошеска од здружението „Лаг Агролидер“- Прилеп. ем/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан