• среда, 19 март 2025

Илјадници протестираа во Унгарија против законот што забранува геј паради

Илјадници протестираа во Унгарија против законот што забранува геј паради

Букурешт, 19 март 2025 (МИА) - Илјадници луѓе протестираа пред унгарскиот парламент во Будимпешта, по усвојувањето на контроверзен закон со кој се забранува одржување на настани поврзани со геј парадата.

Незадоволните граѓани скандираа пароли против владата, а дел од нив го блокираа сообраќајот на еден од мостовите над Дунав, и покрај предупредувањата на полицијата да ја напуштат областа.

Законот, кој вчера беше изгласан во унгарскиот парламент, не само што ја забранува геј парадата, туку и овозможува употреба на софтвер за препознавање лица со цел идентификација на учесниците, кои потоа би можеле да бидат казнети. Владата на премиерот Виктор Орбан тврди дека мерката е неопходна заради „заштита на децата“, а средствата од казните ќе бидат наменети токму за таа цел.

- Ако морам да бидам искрен, ова е застрашувачко. Во Русија бевме во иста ситуација – вакви закони се воведуваа постепено, а сега истото се случува и тука, изјави Евгени Белјаков, руски имигрант во Унгарија, кој побегнал од репресиите во својата татковина.

Организаторите на Парадата на гордоста во Будимпешта ја обвинија владата дека со овој закон сака да ја претвори ЛГБТИ заедницата во „жртвено јагне“ за да ги замолчи критичарите.

- Ова не е заштита на деца – ова е фашизам, соопштија организаторите на парадата, која секоја година привлекува илјадници учесници.

Портпаролот на Парадата Јојо Мајерчик, истакна дека, и покрај долгогодишните напори на Орбан да ја дискредитира ЛГБТИ заедницата, јавната поддршка за нивната кауза значително се зголемила.

- Оваа година многу луѓе ни пишуваат дека првпат ќе дојдат на Прајд – велат дека не им било важно досега, но сега ќе бидат таму и ќе ги донесат и своите семејства, рече Мајерчик.

Овој закон е само последниот во низата мерки против ЛГБТИ заедницата во Унгарија, каде владата на Орбан веќе има донесено рестриктивни закони кои многумина ги сметаат за репресивни кон малцинствата.ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан