• среда, 27 ноември 2024

Илјадници куфери изгубени на германските аеродроми поради недостиг на персонал

Илјадници куфери изгубени на германските аеродроми поради недостиг на персонал
Берлин, 12 јули 2022 (МИА) - Во екот на сезоната на летни одмори, германските аеродроми го трупаат багажот што не им е предаден на сопствениците поради недостиг на персонал, објавија денеска германските агенции. Само на аеродромот во Минхен, како што јави ДПА, биле депонирани неколку илјади парчиња багаж кои биле изгубени на патот до нивните сопственици. На најголемиот германски аеродром во Франкфурт на Мајна бројот на куфери кои не им биле предадени на сопствениците достигна неколку илјади. Како една од причините, освен недостигот на кадар, управата на аеродромот во Франкфурт ги наведува и големиот број одложени летови. Луфтханза, на која аеродромот во Франкфурт и служи како база, откажа дополнителни летови додека не се смири ситуацијата со натрупаните куфери. Третиот по големина аеродром во земјата, кој се наоѓа во Дизелдорф, не може да го процени бројот на изгубени куфери кои се наоѓаат во магацините на овој западно германски аеродром, туку се повикуваат на авиокомпаниите кои водат статистика за изгубениот багаж. Слична е ситуацијата и со помалите аеродроми како оние во Хамбург, Хановер или Штутгарт, кои во актуелниот период на на летните одмори имаат недостиг од персонал. Министерот за транспорт Фолкер Висинг ги отфрли критиките за состојбата на аеродромите и рече дека владата одговорила во рок од неколку дена на барањата на туристичката индустрија за издавање привремени дозволи за увоз на работници од Турција, што ќе го олесни драстичниот недостиг на работници на германските аеродроми. паг/

Остани поврзан