• среда, 27 ноември 2024

Израел ќе ја продолжи воената операција во Рафа и покрај наредбата на Меѓународниот суд на правдата да ја прекине

Израел ќе ја продолжи воената операција во Рафа и покрај наредбата на Меѓународниот суд на правдата да ја прекине

Тел Авив, 24 мај 2024 (МИА) - Покрај денешната наредба на Меѓународниот суд на правдата, Израел веднаш да ги прекине воените операции во градот Рафа, во Појасот Газа, израелскиот министер Бени Ганц, член на Воениот кабинет, рече  дека Израел мора „да ја продолжи борбата“.

Ганц телефонски разговарал со американскиот државен секретар Ентони Блинкен од штабот на израелската армија во Тел Авив, а потоа најавил дека Израел ќе продолжи „да постапува во согласност со меѓународното право“ во Рафа, пренесоа израелските медиуми.

„Државата Израел води праведна и неопходна кампања откако брутална терористичка организација масакрираше наши граѓани, силуваше наши жени, киднапираше наши деца и испука ракети во центарот на нашите градови“, рече Ганц.

Тој тврди дека еврејската држава е „должна да ја продолжи борбата за враќање на своите граѓани“ кои се заложници на Хамас и да ја обезбеди безбедноста на сите граѓани насекаде, вклучително и во Рафа.

„Ние ќе продолжиме да дејствуваме во согласност со меѓународното право во Рафа и каде и да оперираме ќе правиме напори да избегнеме повреди на цивили, не поради Хашкиот трибунал, туку пред се поради тоа кои сме ние“, рече Ганц, поранешен началник на Генералштабот на Израел. паг/

Фото: МИА архива

 

 

 

Остани поврзан