• четврток, 26 декември 2024

Израел депортира во Австралија обвинета за сексуално насилство над деца

Израел депортира во Австралија обвинета за сексуално насилство над деца
Ерусалим, 25 јануари 2021 (МИА) - Израел денеска ја екстрадираше Малка Лајфер, поранешна директорка на еврејско ултрарелигиско училиште обвинето во Австралија за сексуално злоставување ученици. Ова претставува крај на шестгодишниот спор меѓу двете земји, соопшти Министерството за правда.

Израелските медиуми објавија дека таа заминала за Австралија со утрински лет, неколку часа пред израелскиот аеродром Бен Гурион да затвори како дел од Ковид мерките.

Од 2001 до 2008 година, Малка Лајфер беше наставничка, а потоа директорка на еврејското верско училиште „Едат Израел“ во Мелбурн.

Според правосудните органи во Австралија, таа во периодот 2004-2008 година извршила 74 тешки сексуални престапи против три сестри кои го посетувале училиштето.

Во 2008 година, Лајфер побегна во Израел, а австралиските власти апелираа до надлежните институции во Ерусалим да ја испорачаат.

Таа беше уапсена, а потоа за кратко ослободена. Во меѓувреме, нејзините адвокати се обидуваат да докажат психичко растројство. Но, тајната истрага покажа дека жената симулира ментално растројство за да ја избегне правдата.

На 21 септември 2020 година, судот во Ерусалим донесе одлука Лајфер да биде екстрадирана во Австралија. паг/

Остани поврзан